Денеска во Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги се одржа состанок со претставници на АДКОМ – Здружение на даватели на комунални услуги, при што беше договорено да се формира работна група за меѓуинституционална координација.
Работната група ќе детектира и ќе подготви Акционен план во кој ќе бидат содржани чекорите што треба да се преземат преку измена на сет на законски регулативи со цел Регулаторната комисија да ја преземе надлежноста за конечно утврдување на цената на водата за сите категории на корисници.
Цел на состанокот беше да се намалат загубите на вода на јавните комунални претпријатија коишто на национални ниво изнесуваат 63 проценти. Во извештаите на државните ревизори за работењето на комуналните претпријатија постојано се посочува дека се соочуваат со големи загуби во водоснабдувањето, нефактурирана комунална потрошувачка, што влијае на приходите на овие јавни претпријатија.
Цените на водата во општините ги определуваат советите на локалните самоуправи и во секоја од овие општини има рашомонијада на цени.
– Со тоа што Регулаторна ќе ја утврдува цената на водата за сите категории на корисници, ќе дојде до стабилизирање на јавните комунални претпријатија и ќе се зголеми наплатата. Ќе се направи и стратегија за постигнување на оптимални резултати. Исто така, ќе се направи евиденција/мапирање и следни во уредувањето на прашањето за основните средства кај давателите на водни услуги е таргетот кон кој ќе се цели во наредниот период за стабилизирање на состојбата во јавните комунални претпријатија – беше заклучено на состанокот во Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
(С.Бл.)