петок, јули 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Почнува постапка за девојчињата што тепале, за момчето што им помагало при...

Почнува постапка за девојчињата што тепале, за момчето што им помагало при насилството и за другарот што снимал

Случај врсничко насилство во скопски Аеродром

46

Обвинителството побара од Судот подготвителна постапка за осомничените девојчиња и момчиња на возраст од 14 и 15 години за врсничкото насилство во скопски Аеродром, каде жртва беше две години помладо девојче.

„Јавен обвинител од Одделението за малолетници при Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот судија за деца поднесе барање да се поведе подготвителна постапка против две 14-годишни девојчиња за кои постои основано сомнение дека извршиле дејствие кое со закон е предвидено како кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За еден 15-годишник се бара подготвителна постапка за помагање при извршување на тоа кривично дело, како и за – Неовластено снимање од член 152 став 1 од Кривичниот законик. За неовластеното снимање е побарана подготвителна постапка и за уште еден малолетник на возраст од 14 години“, соопштија од ОЈО

Во описот на бруталното врсничко насилство стои дека пријавените девојчиња, на 30 јуни, на игралиште позади трговски центар во Скопје, во група извршиле грубо насилство и ја загрозиле сигурноста на 12-годишно девојче. Во насилството учествувало и уште едно дете на возраст од 13 години и согласно законите тоа не може кривично да одговара.

„Ја принудувале да клекне и да им се извини, а потоа ја удирале со шлаканици и ја влечеле за коса. Од ударите оштетената се здобила со телесни повреди, а кај нејзината другарка сведок на настанот и во јавноста било предизвикано чувство на несигурност загрозување и страв. Едно од момчињата помагало во дејствијата на насилство со совети, насоки и охрабрување како да го извршат делото. Двете момчиња неовластено направиле видео снимка од чинот на насилство без согласност од оштетената и повредувајќи ја нејзината приватност. Снимката им ја пратиле и на насилничките“, сподели ОЈО.

Јавниот обвинител побара од судот во текот на постапката да биде определена и мерка на претпазливост, односно забрана на осомничените деца да и се приближуваат на жртвата. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ