Министерството за внатрешни работи продолжува со идентификување и повикување на информативни разговори на лица чии профили на социјалните мрежи вчера ширеле информации дека водата во Скопје не е безбедна за пиење поради наводно присуство на бактеријата Ешерихија коли.
„Секторот за компјутерски криминал при МВР презема соодветни мерки и активности, се утврдуваат профилите на лицата и тие се повикуваат на информативен разговор. По завршување на истражните дејствија соодветно ќе ја информираме јавноста“ велат од МВР.
Тврдењата за наводна контаминација на скопската вода вчера масовно се ширеа на социјалните мрежи и предизвикаа загриженост кај граѓаните. Информациите беа демантирани од градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ЈП „Водовод и канализација“ и Министерството за здравство.
Ѓорѓиевски на прес-конференција увери дека водата за пиење во Скопје е безбедна и дека во неа нема присуство на Еперихија коли ниту на други опасни бактерии.
Според него, станува збор за злонамерни дезинформации со кои се создава паника меѓу граѓаните. Тој посочи дека претходно добил информации оти од одредени центри се подготвува ширење паника поврзано со наводна опасност од контаминација на водата поради депонија која се наоѓа на околу 30 километри од изворот Рашче.
Градоначалникот информираше дека депонијата во моментов се расчистува од страна на ЈП „Водовод и канализација“ и други надлежни служби, додавајќи дека таа постои околу 30 години.
По вчерашните деманти на информациите за наводната опасност од депонијата, на социјалните мрежи се појавиле нови тврдења за присуство на бактерии во водата.
Од МВР засега не соопштуваат детали за лицата кои се повикуваат на разговор, а повеќе информации најавуваат по завршувањето на истражните дејствија.












