Политичката и финансиската криза во Парагвај дополнително се продлабочија откако претседателот Сантијаго Пења најави оставка поради колапсот на дигиталната банка „Уено“ (Ueno), што остави милиони клиенти без пристап до нивните сметки. Сепак, неговото заминување од функцијата сè уште не е извесно, бидејќи двата дома на Конгресот ја отфрлија неговата оставка, додека Сенатот продолжува со постапка што би можела да доведе до негово отповикување, пренесува „Асошиејтед прес“.
Проблемите започнаа откако Централната банка на Парагвај презеде контрола врз „Уено“, утврдувајќи дека нејзиниот капитал повеќе не го исполнува законски пропишаниот минимум. Последиците погодија околу три милиони корисници во земја со население од околу 6,5 милиони, отворајќи сериозни прашања во врска со надзорот над финансиските институции и управувањето со јавните средства. Конкретно, „Уено“ управуваше со средства во вредност од околу 850 милиони долари, кои им припаѓаа на државни институции и пензиски фондови.
За само неколку години, „Уено“ стана една од најголемите банки во Парагвај. Таа произлезе од долгогодишна финансиска фирма, која во 2021 година беше преземена од деловниот конгломерат „Групо Васкез“. Две години подоцна, банката доби лиценца за работа како дигитална банка – само неколку месеци откако Пења ја презеде претседателската функција во август 2023 година.
Банката привлекуваше клиенти преку деловен модел заснован на мобилна апликација, електронски плаќања и поволности, како што е враќање на дел од средствата (cashback) при купување намирници. Според податоците на самата банка, до јуни таа имала околу три милиони корисници – што претставува речиси 60 отсто од возрасното население на Парагвај – пренесува британскиот медиум „Гардијан“.
Сепак, овој брз раст беше проследен со загриженост во врска со политиките за кредитирање на банката. Регулаторните истраги се фокусираа на наводни повластени кредити доделени на компании поврзани со сопственикот на „Групо Васкез“, како и на кредити за кои недостасувала соодветна документација. Исто така, постојат сомневања дека одредени трошоци биле погрешно евидентирани како средства (актива).
По корекциите на финансиските извештаи, било утврдено дека капиталот на банката „Уено“ паднал на помалку од половина од законски пропишаниот минимум, пренесува „Асошиејтед прес“. Како последица на тоа, Централната банка започна постапка за решавање на статусот на институцијата, преземајќи контрола врз неа и обидувајќи се да ги пренесе нејзините депозити и наплативи побарувања на други финансиски институции – процес кој на крајот би можел да доведе до ликвидација на банката.
Деловните врски на Пења и истрагата за недозволено постапување
Случајот прерасна во политички скандал поради претходните деловни односи на претседателот со групацијата „Васкез“ (Vázquez Group). Пења потврди дека поседувал удел во групацијата, но тврди дека го продал во март 2025 година. Од „Уено“, пак, изјавија дека претседателот никогаш не бил директен акционер или инвеститор во банката.
Пења ги отфрли обвинувањата дека ѝ овозможил повластен третман на банката, инсистирајќи дека надлежните органи и судството треба да утврдат кој е одговорен за нејзиниот колапс. Опозицијата, сепак, го обвинува за судир на интереси, несоодветно користење на пензиските фондови и прикривање на вистинската финансиска состојба на банката.
Обвинителството покрена истрага за колапсот на банката „Уено“, вклучително и за потенцијалната одговорност на претседателот. Според претходен извештај на „Ројтерс“, издадени се налози за апсење на осум раководни лица од банката, додека „Асошиејтед прес“ (AP) подоцна објави дека се поднесени обвиненија против 27 банкарски службеници и нивни соработници.
Притисокот врз владата дополнително се засили по оставката на гувернерот на Централната банка, Карлос Карваљо, на 3 ноември – оставка поднесена на барање на Пења. Карваљо претходно раководел со финансиската институција од која произлезе банката „Уено“. Централната банка негираше постоење на судир на интереси, наведувајќи дека Карваљо се изземал од сите одлуки поврзани со таа финансиска институција. Сепак, неговите минати деловни врски покренаа прашања во врска со независноста на регулаторниот надзор.
Милиони клиенти чекаат пристап до своите пари
Прекинот на работата на мобилната апликација на банката, услугите со картички и системите за трансфер на пари оневозможи голем број граѓани да пристапат до своите средства. Загрижени клиенти се собраа пред затворените филијали – меѓу нив пензионери кои примале државни надоместоци преку банката „Уено“ (Ueno Bank), како и вработени кои чекале исплата на плата. Кризата загрози околу 7.000 директни и индиректни работни места.
Како последица на тоа, Парламентот донесе закон со кој се овозможува забрзана исплата на осигурените депозити од државниот гарантен фонд. Исплатите започнаа со клиентите кои имале помали износи на своите сметки, а според податоците на Централната банка, на кои се повикува агенцијата АП, се очекува гаранцијата да го покрие целосниот износ на депозитот за околу 97 отсто од имателите на сметки. Префрлањето на сметките во други банки, исто така, предизвика привремени оперативни проблеми кај одредени банкарски апликации.
Надлежните тврдат дека станува збор за изолиран случај и дека тој не претставува закана за финансискиот систем во целина. Во последните години, Парагвај се стекна со кредитен рејтинг од инвестициска класа, етаблирајќи се како една од економски постабилните нации во Јужна Америка.












