Бројот на новозапишани ученици во СОУ „Јосиф Јосифовски“ годинава е намален на 166, што е за 57 помалку во споредба со пред две години. Поради малиот интерес не се формирани паралелки за готвачи/келнери и автомеханичари, со што се стеснува изборот на стручни профили во градот. Намалувањето на бројот на средношколци го отвора прашањето како да се задржат младите во Гевгелија и како да се усогласи образовната понуда со потребите на локалната економија
Сè помалку ученици се запишуваат во прва година во СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија. Податоците за последните шест учебни години покажуваат дека, и покрај одредени осцилации, бројот на новозапишани средношколци годинава е значително помал во однос на периодот кога се запишувале повеќе од 200 ученици во училиштето.
Во учебната 2021/2022 година, во прва година биле запишани 176 ученици, една година подоцна 174, а во 2023/2024 бројот се зголемил на 204. Растот продолжил и во 2024/2025 година, кога биле запишани 218 ученици. Но, потоа следува пад. Во учебната 2025/2026 година, во прва година се запишале 186 ученици, додека за учебната 2026/2027 година бројот е намален на 166 ученици.
Тоа значи дека за само две години е намален бројот на новозапишани ученици за 57, односно за повеќе од една четвртина во однос на 2024/2025 година. Уште позначаен е податокот што годинава основното образование го завршиле 173 деветтоодделенци, што значи дека дел од нив не го продолжиле образованието во гевгелиското средно училиште.
Пад и во гимназиското и во стручното образование
Намалувањето е присутно и кај гимназиските и кај стручните паралелки. Во прва година годинава се запишани 66 ученици во гимназиското образование, додека во стручните паралелки има 100 ученици. Особено внимание привлекува ситуацијата со дел од стручните профили. Годинава се укинати, односно не се формирани паралелки за автомеханичари и за готвачи/келнери, поради малиот број заинтересирани ученици.
Од Одделението за образование во Општина Гевгелија ни беше посочено дека е побарано од Министерството за образование, пред почетокот на новата учебна година, да се овозможи формирање паралелки со помал број ученици. Барањето се однесувало на три паралелки во гимназиското образование, со помалку од 24 ученици, како и на две тригодишни стручни паралелки – за готвач/келнер и за автомеханичар. Во спротивно, стоело во нивното барање, средното училиште ќе се соочи со намалување на фондот на часови кај поголем број наставници, а во иднина – и со технолошки вишок.
Интересот за струките готвачи/келнери и автомеханичари бил исклучително мал. За профилот готвач/келнер се запишале само четворица ученици, а за автомеханичар шестмина.
Министерството за образование и наука дало согласност за формирање на трите гимназиски паралелки, но не и за двете стручни паралелки. Десеттемина ученици што сакале да се образуваат за готвачи/келнери и за автомеханичари затоа се запишани на машинската струка. Така, не се загубија само десетмина ученици од статистиката. Се загубија и две можности за избор на професија во сопствениот град.
Советникот Борчe Нечевски од движењето ЗНАМ, на последната седница на Советот на Општина Гевгелија, го кажа своето мислење за оваа ситуација и даде конкретен предлог за тоа како да се надмине помалиот интерес за келнери и за готвачи.
– Угостителската струка е насушна потреба на градот и на државата. Во многу општини е згасната оваа струка и другите струки од трет степен на образование. Решението го гледам преку ЗЕЛС. Да се направи притисок кон Министерството за образование сите стручни профили да бидат „заштитени“, односно лиценцирани. Тоа би значело дека како што не може да биде фармацевт оној што завршил гимназија така не може да биде готвач или келнер оној со завршена гимназија, туку само оној што ја завршил оваа струка. Напротив, во практиката сме сведоци дека, во слободно време, работат голем број гимназијалци во локалите и во хотелите, бидејќи не се бара исклучиво струката готвач и келнер. Додека не го направиме тоа со лиценцирањето, ќе немаме упис на готвачи и на келнери. Тврдам дека голем број млади сакаат да ја работат оваа струка и затоа бегаат во Хрватска. А, платите се и овде, во некои наши пореномирани ресторани и хотели, и таму тука некаде на исто ниво – истакна Нечевски.
Каде одат учениците?
Еден од факторите за намалувањето на бројот на ученици во гевгелиското средно училиште е и фактот што дел од младите продолжуваат со образованието во средните училишта во соседните општини или во поголемите градови. Причина не е само демографијата. Дел од младите го продолжуваат образованието во соседните општини или во поголемите градови, каде што имаат можност да изберат образовни профили што не ги нуди гевгелиското средно училиште. За тоа каде се запишале преостанатите 12-мина ученици – завршени деветтоодделенци, повеќе ќе се знае во текот на јануари, за кога Општината подготвува информација за состојбата со стручното образование.
Бројките се доволно јасни за да не може да се игнорира проблемот. За две години – 57 ученици помалку. Тоа не е само уште една бројка во училишната статистика. Тоа се 57 потенцијални ученици помалку во ходниците на средното училиште, помалку паралелки и помала потреба од наставен кадар во иднина. А ако продолжи трендот, последиците ќе ги почувствува и локалната заедница.
Намалувањето на бројот на средношколци во Гевгелија не треба да се гледа само како статистички податок. Тоа е прашање што ги отвора и темите за демографијата, изборот на професии, атрактивноста на стручните училишни профили, потребите на локалната економија и можноста младите да го продолжат образованието во својот град.
Доколку продолжи овој тренд, бројот на ученици во гевгелиското средно образование во наредните години може дополнително да се намалува. Оттука, пред локалната самоуправа, училиштето и образовните институции останува прашањето како да се задржат младите во локалниот образовен систем и како да биде попривлечна понудата на образовни профили за идните средношколци.
(Љ.А.)












