Австриската банкарска групација „Рајфајзен“ е на чекор до преземање на Адико банка, откако понудата за продажба ја прифатиле сопствениците на дури 96,79 отсто од акциите опфатени со преземањето. За секоја акција била понудена цена од 26,50 евра во готовина, а по завршувањето на сите постапки, австриската групација би контролирала 95,74 отсто од вкупниот капитал на банката. Сепак, трансакцијата сè уште чека неколку регулаторни одобренија, а крајниот рок за исполнување на условите е 14 мај 2027 година.

Особено интересен е фактот што пропаста на српската Алта банка ги промени плановите за регионалното проширување. Првично, „Рајфајзен“ планираше банките на Адико во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора да ги продаде на српската „Алта групација“. Но, откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка, австриската групација повеќе не очекува овој договор да добие регулаторно одобрение. Поради тоа, „Рајфајзен“ сега планира да ги задржи сите подружници на „Адико“, вклучително и оние во регионот.

Со ова, австриската групација дополнително ќе го зајакне своето присуство во Југоисточна Европа, откако во трката за преземање на „Адико“ ја надмина и словенечката НЛБ банка.

 

ИЗДВОЕНИ