Европската Унија и натаму останува главен купувач на рускиот течен природен гас (LNG) од арктичкиот проект „Јамал“, и покрај најавите за целосно прекинување на увозот на руски енергенси. Според анализата на еколошката организација Urgewald, ЕУ во првите десет месеци од 2026 година потрошила околу 8,7 милијарди евра за руски LNG, што е за 21 отсто повеќе од проценетата вредност на увозот во текот на целата 2025 година.
Податоците на компанијата Kpler покажуваат дека европските пристаништа во периодот од јануари до октомври примиле 12,89 милиони тони LNG од проектот „Јамал“. Тоа е зголемување од 6,3 отсто во споредба со истиот период минатата година, а претставува дури 81 отсто од вкупниот извоз на проектот.
Франција, Шпанија, Холандија и Португалија се меѓу главните европски дестинации за рускиот гас, додека Белгија останува најголем поединечен увозник во првите десет месеци од годината, со околу 3,1 милион тони испорачани во пристаништето Зебриж.
Зголемената вредност на увозот се должи и на повисоките цени на гасот. Само во октомври, проценетата вредност на испораките достигнала 839 милиони евра, иако количините биле за 11 отсто помали во однос на септември.
Европската Унија планира од 1 јануари 2027 година да го забрани увозот на руски LNG по постојните долгорочни договори. Организацијата Urgewald предупредува дека продолжувањето на купувањето му обезбедува на Москва значителни приходи и го отежнува прекинувањето на енергетската зависност.
Најавената забрана може сериозно да го погоди рускиот проект „Јамал“, кој во голема мера се потпира на европските пристаништа за транспорт и претовар на гасот. Без нив, Русија ќе мора да користи подолги транспортни рути, што ќе ги зголеми трошоците и ќе ја отежне испораката, особено во зимскиот период.
Од Urgewald повикуваат ЕУ да не прави отстапки од најавената забрана и истовремено да ги зголеми инвестициите во обновливи извори на енергија, изолација на домовите и топлински пумпи, со цел да ја намали вкупната побарувачка за гас.












