Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека земјата би можела веднаш да престане да го снабдува европскиот пазар со гас, наместо за еден месец, на 25 април, кога ќе стапи во сила регулативата на Европската унија со која се забранува увозот на руски гас.
„Другите пазари се отвораат сега. И можеби е попрофитабилно за нас веднаш да престанеме да го снабдуваме европскиот пазар. Да влеземе на пазарите што се отвораат и да се зацврстиме таму. Секако ќе ја упатам владата да работи на ова прашање заедно со нашите компании“, рече Путин во емисијата „Москва. Кремљ. Путин“, објави РИА Новости.
Тој додаде дека Русија ќе продолжи да ги снабдува со енергетски ресурси земјите кои се сигурни партнери, како што се Словачка и Унгарија.
„Токму вака ќе соработуваме со оние партнери кои самите се сигурни контрагенти, како што се оние во Источна Европа, како што се Словачка и Унгарија. Ние ги снабдуваме со нашите енергетски ресурси, и нафта и гас. И имаме намера да го правиме тоа и во иднина, секако, под услов раководството на овие земји да води иста политика како и денес, имено, тие да бидат наши сигурни партнери“, нагласи Путин.












