Американските разузнавачки агенции предупредуваат дека Владимир Путин би можел да се обиде да ја тестира решителноста на НАТО со ограничена акција против една од земјите-членки.

Според извештаите до кои дошол „Wall Street Journal“, можните сценарија се движат од големи сајбер напади до ограничен копнен упад на источното крило на Алијансата.

Американските разузнавачки служби проценуваат дека ваква акција би можела да се случи во периодот од оваа есен до 2029 година.

Најекстремното сценарио – ограничен копнен напад – засега се смета за малку веројатно, но ризикот би можел да расте со текот на времето.

Според американските претставници, евентуалната цел на Москва би била да ја подели Алијансата и да ја тестира подготвеноста на членките да реагираат заеднички.

Проценката во Вашингтон наводно е променета оваа година, бидејќи Русија се соочува со сериозни проблеми во Украина и ограничени придобивки на фронтот.

Дополнителна загриженост предизвикуваат намалените американски резерви на одредена критична муниција поради испораките за Украина и конфликтот со Иран.

Меѓу оружјата чии залихи се намалени се прецизно водени ракети со долг дострел, тактички ракетни системи и противвоздушни ракети „Стингер“.

Американските служби истовремено следат дали Москва планира да ги засили сајбер нападите, саботажите или други форми на притисок врз европските сојузници.

Сепак, официјалните проценки не значат дека напад врз НАТО е неизбежен, туку дека Вашингтон сериозно го разгледува ризикот од можна руска ескалација во наредните години.

ИЗДВОЕНИ