На 12 август светот ќе биде сведок на редок астрономски спектакл – целосно помрачување на Сонцето, прво видливо од европскиот континент по 27 години.

Патеката на тоталитет ќе минува низ Гренланд, Исланд и Шпанија, каде Месечината целосно ќе го покрие Сонцето и ќе се појави неговата корона.

Во Македонија, сепак, спектаклот ќе биде многу поскромен. Од Скопје ќе може да се забележи само мало делумно помрачување во доцните попладневни часови, непосредно пред зајдисонце.

Поради ниската позиција на Сонцето и минималната покриеност, феноменот тешко ќе се забележи без соодветна опрема.

Во Велика Британија и Ирска затемнувањето ќе биде многу поизразено, додека во делови од САД и Канада ќе биде делумно.

За љубителите на астрономијата од Македонија, многу подобра можност ќе има на 2 август 2027 година, кога ќе се случи големо затемнување со многу поповолни услови за набљудување од нашиот регион.

Тогаш од Скопје ќе може да се види значително поголема покриеност на Сонцето, среде ден.

Експертите предупредуваат дека Сонцето не смее да се гледа директно ниту за време на делумно помрачување.

Обичните очила за сонце не штитат од опасното зрачење, па неопходни се сертифицирани очила за помрачување со ISO 12312-2 стандард или безбедни индиректни методи за набљудување.

ИЗДВОЕНИ