Рускиот претседател Владимир Путин лично го надгледува развојот на оружје врз основа на нови физички принципи и одржувањето на борбената готовност на постојните системи, изјави директорот на корпорацијата Росатом, Алексеј Лихачев, за време на предавањето на образовниот маратон „Знаење“.
– Главната мисија на Росатом – нуклеарен штит и нуклеарен меч – останува наша клучна задача. Претседателот на Русија лично го надгледува развојот на оружје врз основа на нови физички принципи и одржувањето на борбената готовност на нашите постојни решенија, рече тој.
Според Лихачев, нуклеарниот одбранбен комплекс станал и важен извор на високи технологии.
На истиот маратон, заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, изјави дека Русија поседува оружје за кое засега не се дискутира јавно.
Тој нагласи дека арсеналот на земјата не е ограничен само на системите „Орешник“ и „Посејдон“.
– Постојат и други модели, многу ветувачки, за кои нема да зборувам – рече Медведев за време на својот говор на образовниот маратон „Знаење“.
Медведев додаде дека Русија ги има сите видови оружје што ги поседуваат Европа и Украина, додека, како што изјави, нејзините противници го немаат она што го има Русија.












