Францускиот ракометен гигант Пари Сен Жермен официјално објави дека Германецот Јури Кнор ќе се приклучи на клубот почнувајќи од следната сезона. Германскиот репрезентативец ќе биде главен плејмејкер на тимот и лидер во обидот ПСЖ повторно да стане голем.

Германскиот централен бек, роден во 2000 година во Фленсбург, потпиша  договор до 2030 година и доаѓа откако играше за Минден по јуниорскиот престој во Барселона, а потоа четири години за Рајн Некар Левен. Сега е во Алборг, но неговата данска авантура ќе трае само две сезони.

„Воодушевени сме што го доведуваме Јури во Пари Сен Жермен. Тој се етаблираше во претходните сезони како еден од најдобрите плејмејкери во Европа. Неговата визија за играта, неговата ефикасност пред голот, неговото лидерство ќе бидат вредни додатоци во нашиот тим. Неговото доаѓање совршено се вклопува во проектот што го правиме и амбициите што ги имаме за наредните сезони, и во Франција и во Европа“, рече Тиери Омејер, некогаш легендарен голман, а сега генерален менаџер на Пари Сен Жермен.

Трансферот е договорен една година пред истекот на неговиот договор со Алборг, а данскиот клуб потврди дека станува збор за најголемиот трансфер во историјата на клубот. Конкретната сума не е објавена, иако француските медиуми пренесуваат дека се споменуваат околу 250.000 евра.

Самиот Јури Кнор, за кого ова е трансферот на неговата кариера досега, нагласи дека доаѓа во многу важен и престижен клуб.

„Доаѓањето во ПСЖ претставува важен чекор во мојата кариера. Тоа е престижен клуб, познат по својата висока амбиција и високи стандарди. Едвај чекам да откријам сè за новата средина, да запознам нови соиграчи и навивачи во Париз“, рече Јури Кнур.

Во Париз ќе го пречека и својот репрезентативен колега Ренарс Усчинс, кој исто така ќе пристигне во ПСЖ од сезоната 2027/28. Францускиот клуб претходно го ангажираше Германецот од Хановер со договор до 2029 година.

Кнор со германската репрезентација освои сребро на Олимписките игри во Париз во 2024 година и сребрен медал на Европското првенство во 2026 година.

ИЗДВОЕНИ