Комерцијален авион од Иран слета на аеродромот во Дубаи во ОАЕ денес за прв пат од почетокот на војната пред четири месеци.
Авионот на „Сеперан ерлајнс“ слета на меѓународниот аеродром во Дубаи во 13:39 часот по локално време, објави веб-страницата на аеродромот, објави „Си-ен-ен“, додавајќи дека уште еден лет од Дубаи до Техеран е закажан за подоцна денес.
ОАЕ е земја од Персискиот Залив која претрпе најтешки ирански напади за време на војната меѓу САД и Израел против Иран, а официјален Техеран испука речиси 2.000 ракети и беспилотни летала кон ОАЕ, насочувајќи ги кон воени, енергетски и цивилни објекти.
Односите меѓу Иран и ОАЕ, близок американски сојузник со силни врски со Израел, останаа напнати дури и откако Вашингтон и Техеран постигнаа договор за прекин на огнот во април оваа година.
Како еден од најголемите трговски партнери на Иран пред војната, ОАЕ зазедоа построг став кон Иран по иранските напади, намалувајќи ги економските и културните врски.
Сепак, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, минатата недела разговараше по телефон со својот колега од ОАЕ, шеикот Абдула бин Зајед, за прв пат од почетокот на војната.












