Преживеани од пожарот во дискотеката „Пулс“ доаѓаат да сведочат на судењето кое се одржува во судницата кај КПУ Идризово. Така инсистираше одбраната, иако обвинителството предложи да се повлечат од листата бидејќи се повторуваат кажаните факти, а дел од сведоците се истрауматизирани и се носат со повредите од кобната ноќ.
На продолжението од рочиштето, сведочеше студенка од Штип, која пристигнала во дискотеката околу 1 часот по полноќ заедно со пријатели и забележала дека во истовреме се местеле прскалките од кои настана пожарот. И реагирала на пријателката дека пиротехниката се наоѓа „премногу блиску“ до гостите. Додека снимала со мобилен телефон, забележала дека по околу една минута започнал пожар.
– Видовме искри и дека гори плафонот. Не го сфативме веднаш сериозно, но кога еден член од бендот повика да излеземе, тргнав кон излезот – наведе таа.
На влезот имало двајца обезбедувачи, а нивната маса била поставена пред бендот, во непосредна близина на сцената. Девојката која успеала да се спаси рече дека во моментот на евакуацијата настанала голема турканица, а зад неа се слушнала експлозија. Таа се заглавила меѓу влезната и излезната врата, по што почнала тешко да дише.
„Бев веќе во лежечка положба, беспомошна. Барав помош. До мене беше пријателот кого го држев за рака – кажа младата Теа и додаде дека обезбедувачот по име Стојанчо ја извлекол надвор, каде што ги чекале родителите.
Сведокот додаде дека и претходно, кога ја посетувала дискотеката, имало случаи на користење пиротехника, како и дека во локалот влегувала и додека била малолетна. На прашање на судот дали кога била малолетна и одела во „Пулс“ и барале лична карта на влезот, рече „да“ и дека во минатото не била сведок на полициски рации додека таа присуствувала во дискотеката.
На минатото судење адвокатката на првообвинетиот, сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, побара да му биде заменет притворот со мерка куќен притвор поради сериозно и алармантно влошување на неговата здравствената состојба. Посочи дека нејзиниот клиент е донесен на судење со отворена рана по оперативен зафат, директно од болнички услови. Поради влошување на здравствената состојба на Јованов, во понеделникот во судницата во „Идризово“ беше повикана Брза помош. Судијката Дијана Груевска-Илиевска, која го води судењето, кажа дека по извршената интервенција, на обвинетиот му бил даден совет за земање храна и вода, а кога тие му биле понудени, тој одбил. „Од брзата помош судот беше информиран дека по дадената интервенција, тој може да продолжи со следење на расправата“, соопшти судијката.
Судењето заврши брзо, сведочеше само девојката бидејќи другите не се достапни. На следното рочиште предвидено е сведочење на вешто лице. (П.А.)












