Овој викенд се одржуваат околу стотина демонстрации против законот што воведува претпоставка за легитимна употреба на огнено оружје од страна на органите на редот; во Париз, протестот против „дозволата за убивање“ започна рано попладнево на плоштадот „Република“, додека министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез стравува дека протестите би можеле да прераснат во немири.
Според француските медиуми, повеќе од 150 организации го потпишаа апелот насловен „Стоп за државното насилство“ против овој закон, вклучувајќи локални групи, како и политички партии како Социјалистичката партија, Зелените и „Непокорна Франција“ (La France Insoumise).
Од саботата низ Франција се одржани околу стотина маршеви и собири – особено во Марсеј, Лион, Лил, Бордо, Ница и Екс-ан-Прованс – известува „Ле Фигаро“.
Противниците на законот, кој сè уште треба да биде разгледан од Сенатот, го осудуваат како „чекор назад за владеењето на правото“.
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез ги повика префектите и шефовите на безбедносните служби да покажат „посебна будност“, истакнувајќи дека на некои од собирите би можело да дојде до инциденти и нарушување на јавниот ред и мир.
„Веќе некое време знаеме за организирањето на овие собири, но најновите информации со кои располагаме – а кои ви беа пренесени – укажуваат дека тие би можеле да бидат проследени со инциденти и немири“, истакна Нуњез.
Тој исто така предупреди на можното присуство на радикални крајно левичарски елементи на некои од собирите. На 7 јули, француското Национално собрание усвои предлог-закон со кој се воспоставува претпоставка за законита самоодбрана на полициските службеници при употреба на огнено оружје.
Вкупно 313 пратеници гласаа „за“ предлог-законот, додека 199 гласаа „против“, а петмина беа воздржани.
Петцијата против законот собра 730.000 потписи на веб-страницата на Националното собрание, но членовите на Комисијата за законодавство ја отфрлија во јули, пренесува „Танјуг“.












