среда, јули 29, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Владата не планира нови мерки за цените, чека дополнително намалување

Владата не планира нови мерки за цените, чека дополнително намалување

0

Инфлациските притисоци во земјава се намалуваат, а Владата очекува дополнително стабилизирање на цените во наредниот период. Според премиерот Христијан Мицкоски, актуелните економски показатели се значително подобри во споредба со периодот на големата инфлациска криза во 2022 година и покрај новите глобални предизвици и геополитичките тензии.

Мицкоски посочи дека направил споредба меѓу јуни 2026 и јуни 2022 година, оценувајќи дека станува збор за два периоди обележани со сериозни геополитички кризи, кои силно влијаеле врз светската економија.

– Лично правев анализа и ги споредував јуни 2026 година со јуни 2022 година. Тоа се две слични години затоа што тогаш почна војната во Украина, а сега имавме војна во Иран, односно во Заливот. Сите светски економски познавачи оценуваат дека овој конфликт има далеку подевастирачки последици за светската економија, особено во енергетскиот сектор. Ако тогаш инфлацијата изнесуваше 14,7 проценти, денес е 3,4 проценти. Во 2022 година, цените на прехранбените производи растеа за повеќе од 15 проценти и беа главен двигател на инфлацијата, додека сега тој раст е 2,5 проценти. Очекувам дополнително стабилизирање на состојбата во текот на јули – рече Мицкоски.

Тој додаде дека, според компаративна анализа на 12 земји од регионот, Македонија бележи подобра позиција во однос на инфлацијата отколку во екот на кризата во 2022 година.

– Во 2022 година бевме осми според висината на инфлацијата меѓу земјите од регионот, а денес сме на третото место со најниска инфлација. Пред нас се само Србија и Албанија, додека зад Македонија се Турција, Бугарија, Романија, Грција, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија и другите земји. Генерално, голем број држави имаат значително полоши економски параметри. Владата ќе продолжи активно да работи на зачувување на ценовната стабилност и на подобрување на животниот стандард на граѓаните – истакна премиерот.

Според него, засега нема потреба од нови интервенции во делот на цените, бидејќи очекува инфлациските притисоци постепено да се намалуваат, а Владата, како што рече, и натаму внимателно ќе ги следи движењата на пазарот и ќе реагира доколку биде неопходно тоа. (А.С.)

ИЗДВОЕНИ