сабота, јули 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Промовирана поштенска марка по повод 150 години од Разловечкото востание

Промовирана поштенска марка по повод 150 години од Разловечкото востание

48

По повод големиот јубилеј 150 години од Разловечкото востание, со пригодна свеченост во Делчево е промовирана новата поштенска марка со мотиви од Разловечкото востание, со што се оддава посебна почит кон ликот и делото на разловечките востаници и, воопшто, кон значењето на востанието.

Поштенската марка е со номинална вредност од 48 денари, испечатена е во 6.000 примероци, а дизајнер на марката е Лариса Донев од Бирото за филателија на „Македонски пошти“.

Директорот на Секторот за поштенски операции при АД „Пошти на Македонија“, Бојан Кереместевски, истакна дека со печатењето на поштенската марка, „Македонска пошта“ им оддава почит и признание на учесниците во востанието.

– Поштенските марки претставуваат вечен паметник и го одржуваат во живот сеќавањето на македонските револуционери. Ова е уште една поштенска марка што ќе ги збогати филателистичките албуми – изјави Кереместевски.

На промоцијата беа доделени и промотивни изданија од поштенската марка, а градоначалникот Гоцевски, кој ја прими првата поштенска марка, искажа благодарност до „Македонска пошта“.

– Дозволете ми да изразам голема благодарност до „Македонска пошта“ за овој потег, кој достоинствено ги отсликува нашата почит, почитта на македонскиот народ кон ликот и делото на разловечките востаници и значењето на првото вооружено востание, Разловечкото востание. Оваа поштенска марка ќе остане во аналите и ќе сведочи низ времето, промовирајќи ги Разловечкото востание и пораката дека „Македонецот не бара милост, туку слобода. Нашата борба е за нашата чест!“ – нагласи Гоцевски.

На свеченоста беа доделени и наградите за литературниот конкурс објавен од ЈЛБ „Илинден“, во рамките на одбележувањето на јубилејот. Диплома за најдобра творба доби Максим Стефановски од ООУ „Свети Климент Охридски“, од 9-3 одделение; диплома за најдобра творба доби Михаела Стоименовска од ООУ „Ванчо Прке“, ученичка во 7 одделение. Во категоријата возрасни, диплома за најдобра творба доби Влатко Ситновски.

Како дел од чествувањето на 150-годишнината од Разловечкото востание, беше и локалниот базар организиран од Општина Делчево, на кој се најде и пушка од семејството на Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски, заедно со уште многу видови оружје што се користело и во Разловечкото и во Кресненското востание, како и оружје што, главно, го поседувал турскиот аскер, старо околу 3 века, како дел од приватната колекција на старо оружје на Ванчо Габер и Благој Механиџиски од Берово.

Градоначалникот Гоцевски истакна дека на историските настани од предилинденскиот период, со овој базар се додава уште еден квалитет, а тоа се традицијата и културата на нашиот народ.

– Тоа е нашата традиција. И покрај совремието и развојот на технологијата, вредните раце на домаќинките и на занаетчиите љубоморно ја чуваат таа нишка, која е цврсто врзана за нашите корени и за идентитетот, продолжувајќи ја традицијата. Улогата на една одговорна општина е токму таа: да создава услови, да ги анимира производителите и да отвора можности за промоција на локалните производи. Овој локален базар е празник на традицијата, креативноста и на локалниот дух – порача Гоцевски.

Тој нагласи и дека е особено импресивно вклучувањето на младите со свои креации на локалниот базар.

– Одговорните млади се тука да ја промовираат и чуваат традицијата, која се пренесувала од колено на колено, од генерација на генерација – истакна Гоцевски.

На летната сцена настапија фолклорните друштва од Делчево, кои ја презентираа фолклорната традиција на Пијанец и на Македонија: ФГ „Копачка“, КУД „Гоце Делчев“ и игроорците од ФГ при Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“.

 

ИЗДВОЕНИ