Нови траги на возрасна мечка вознемирија дел од жителите и сточарите во Струмичкиот Регион откако повторно била регистрирана на потегот Смрдеж – Еленица. Од ЈП „Национални шуми“ предупредуваат дека мечката подолг период се задржува на терен што не е типично живеалиште за овој вид. Ловечките друштва и шумските служби најавуваат засилени теренски контроли за утврдување на движењето и присуството на дивечот во овој дел од државата

 

На планината Смрдеж во Струмичко, на врвот Краста на 951 метар надморска височина, при контрола на терен од шумската служба на ЈП „Национални шуми“,  биле забележани траги од возрасна мечка.

– Oва не е првпат да се забележат траги од мечки токму на овој ист потег од Готен, преку Смрдеж, врвот Еленица кон западот на Македонија. Постои веројатност овие мечки да го менуваат своето живеалиште од Пирин Планина накај Западна Македонија, кон планините Јабланица, Бистра, Кораб или кон националните паркови „Пелистер“ и „Маврово“ или обратно – информира заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов.

Според него, она што е поразлично годинава е тоа што трагите од оваа мечка се забележани пред цели две недели, помеѓу селата Владевци и Воиславци, во непосредна близина на локацијата на која беа забележани завчера.

– Со оглед на тоа што границите во кои живеат мечките се од 500 до над 1.200 квадратни километри, загрижува фактот што оваа мечка се задржува повеќе на овој терен и покрај тоа што не е соодветен за неа – вели Михаилов.

Тој смета дека сточарите, со оглед на тоа што се работи за период на рана пролет, немаат потреба да се грижат дека мечката би ги нападнала нивните стада од потребата за месо, затоа што потребите за месо ги има пред зимскиот сон, а не периодов. Доколку се задржи на таа територија, пчеларите би можеле да очекуваат да уништи сандаци со пчели во потрагата по мед.

– Во минатото, постарите потенцираа дека Огражден и Малешевските Планини често пати биле посетувани од мечки со мали мечиња. Нивното тврдење беше дека тие мечки или нивните предци во минатото живееле и егзистирале и на овие планини пред трајно да се иселат кон повисоките Пирин и други планини во Бугарија или кај нас, во западниот дел на државата, поради намалување на нивниот број и поради сè поголемите активности на луѓето на овие планински масиви, кои во минатото биле нивни мирни природни живеалишта – вели Михаилов.

Мечки во поголем број најмногу се видени во Националниот парк „Маврово“, каде што често се гости дури и во самите населени места, како Жировница и другите. Михаилов смета дека доколку се размножат, ќе почнат да се задомуваат и на планините на кои одамна исчезнале було поради промената на климатските услови, зголемените човечки активности барајќи мир од нив или едноставно поради намалувањето на нивниот број.

– Ловечките друштва, заедно со нашите вработени, ќе ги зголемат теренските активности периодов за точно да дознаеме за што, всушност, се работи – вели Михаилов.

 

 

ИЗДВОЕНИ