петок, октомври 2, 2026
Дома КУЛТУРА Промовирана книгата „Македонски идентитетски прашања“ од Јованка Кепеска; Повик за будење и...

Промовирана книгата „Македонски идентитетски прашања“ од Јованка Кепеска; Повик за будење и обновување на колективната меморија на еден народ

8

Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје синоќа се одржа промоција на книгата „Македонски идентитетски прашања“ од универзитетската професорка Јованка Кепеска, објавена од издавачката куќа „Македоника литера“, со финансиска поддршка од Глобалната македонска фондација „Вечна“. За најновото дело на Кепеска, говореа промоторите, универзитетските професори Наташа Котлар-Трајкова и Звонимир Јанкуловски, како и претседателот на фондацијата „Вечна“, Мирче Ѓоргоски.

Котлар-Трајкова, во нејзиното излагање за делото „Македонски идентитетски прашања“, истакна дека трудот на Кепеска претставува синтеза на теориските и нејзините практични истражувања за идентитетските прашања, потпирајќи се врз научен амалгам од филозофијата, социологијата, политичката економија и политичките науки.

– На самиот почеток авторката јасно ја искажува својата намера: со научниот пристап да се определи свесната идентификација на поединецот преку автентичните и актуелните одлики на народот на кој му припаѓа. Овој труд претставува своевидна синтеза на нејзините теориски и практични истражувања на идентитетските прашања, особено на македонскиот народ во услови кога се создава постојан културен и морален релативизам кон неговиот идентитет – истакна Котлар-Трајкова.

Таа посочи дека акцентот во книгата е ставен врз значењето на културата во најширока смисла, како основен градежен материјал од кој се создава националниот идентитет, водејќи низ процесите од првоучителите Кирил, Методиј, Климент и Наум, преку преродбениците и Мисирков, па сè до современиот период.

Цитирајќи дел од книгата, Котлар-Трајкова рече „континуитетот во историскиот процес на културната идентификација опстојува. Културата што се создава е обединувачка, значи национална и македонска. Оттаму е и научната оправданост во историскиот пристап за ознаката на идентитетот како македонски”.

– Концептуално книгата е поделена на пет есеистички поглавја и на овој начин професор Кепеска на насловната тема „Македонски идентитетски прашања“ ѝ пристапува со целосен одговор – додаде Котлар-Трајкова.

Универзитетскиот професор и промотор на книгата, Звонимир Јанкуловски, нагласи дека делото доаѓа како освежување во општество кое сè повеќе се оддалечува од вреднувањето на длабокиот интелектуален ангажман. Се осврна на прашањата за антиинтелектуализмот и односот кон научната мисла, медиумите и академските стандарди, но и кон начинот на кој идентитетските прашања се третираат во современиот општествен и политички дискурс.

– Книгата за македонските идентитетски прашања е повик за будење на една нација и потребата од континуирано обновување на колективната меморија на еден народ, затоа што таквата меморија ни покажува кои сме и каде сме во светот. Идентитетот е тој што е всаден во колективната меморија на народот за да може и натаму да биде жив, да биде жив и присутен во сегашноста. Губењето на таквата меморија значи губење контакт со своите идентитетски корени и сопствено уништување во самата храна што ѝ е потребна за да преживее една нација — истакна Јанкуловски.

Според Јанкуловски, книгата претставува брана пред обидите за отсекување на идентитетските корени на македонскиот народ. – Не смееме да потпаднеме под колективна амнезија која ни се нуди во последните години со промената на името на државата, да ја заборавиме историјата — оцени Јанкуловски.

Претседателот на Глобалната македонска фондација „Вечна“, Мирче Ѓоргоски, подвлече дека поддршката за ова издание е реализирана преку нивната програма „Macedonian Heritage Knowledge Initiative“ со цел овие трудови да добијат поголема видливост и надвор од државата.

– Нашата цел е ваквите трудови да добијат поголема видливост и надвор од Македонија — преку преводи, меѓународни публикации, академски соработки и јавни дискусии. Сакаме македонските теми да бидат присутни и на глобално ниво — истакна Ѓоргоски.

Авторката Кепеска, во своето обраќање на крајот од промоцијата, пак, се осврна на повеќедецениските истражувачки мотиви и на филозофските предизвици при конституирањето на националното и народното.

– Сакам да свртам внимание на еден триаголник: поединецот, говорот и духот. Духовноста на поединецот како израз на духот на народот, преточен во говор.  Популарните народи го чуваат својот говор токму затоа што го чуваат својот дух, на тој начин опстојуваат. Но, во наше време на прашањето честопати му е сменувана патеката, има остри дискусии околу тоа која е основата на културата — народот или литературниот јазик. Занемарен е односот дијалектички како надминување на народот преку нацијата, која е нова состојба на народот, и да се изврши дијалектика и на говорот, народниот говор кој прераснува во литературен јазик, ама да прерасне во говор кој говори народски, за народот или којшто го искажува духот на народот …  — посочи Кепеска упатувајќи благодарност до промоторите, издавачот Нове Цветаноски, фондацијата „Вечна“ и сите присутни за поддршката и интересот за нејзиното најново дело.

ИЗДВОЕНИ