Подготовките на машката сениорска репрезентација на Македонија за настапот во Европската лига 2026 ќе започнат една недела порано од претходно договореното. Селекторот Јошко Миленкоски побара, а Федерацијата одобри најдобрите одбојкари првиот собир да го имаат на 6 мај, во Крушево.
Првиот дел од подготовките, Миленкоски и неговите избраници ќе ги одработат во Крушево, додека останатиот дел од програмата нема да претрпи промени. Од 13 мај, репрезентацијата ќе биде стационирана во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“, каде што ќе се подготвува две недели. Финалната проверка на формата Македонија ќе ја има со пријателски натпревари со Црна Гора, во периодот од 27 до 29 мај во Подгорица.
Машката репрезентација го игра првиот турнир во Европската лига 2026 на домашен терен, односно во салата „Парк“ во Струмица, каде што на 5 јуни ја пречекува Холандија, додека на 7 јуни игра против Луксембург. Вториот турнир нашите одбојкари го играат во Грција, во Атина, кога на 13 јуни ќе се соочат со Исланд, а ден подоцна играат со домаќинот Грција. Третиот турнир од Евро-лигата 2026 Македонија го игра на Косово, во Гњилане, каде што на 19 јуни ќе се сретне со косовската репрезентација, додека на 20 јуни е предвиден мечот со Израел.










