Владата продолжува со инвестициите во локалната инфраструктура, а, според премиерот Христијан Мицкоски, во досегашниот период од мандатот, за проекти во општините се обезбедени средства во вредност од околу половина милијарда евра. Според него, поддршката од централниот буџет претставува значаен придонес за развојот на локалната самоуправа. Тој најави дека ќе продолжи финансиската помош и преку нов циклус капитални проекти.

Премиерот посочи дека општините веќе работат на подготовка на нови предлози, кои би можеле да бидат финансирани со средства од државниот буџет. Целта, како што посочи, е преку реализација на инфраструктурни зафати директно да се подобрат условите за живот на граѓаните.

Мицкоски нагласи дека дел од проблемите со кои се соочуваат општините се резултат на долгогодишно наталожување и не може да се надминат за краток период. Сепак, Владата, според него, ќе се фокусира на решавање на постојните проблеми наместо на создавање нови.

Премиерот најави дека во следниот период дополнително ќе биде зголемено државното финансирање на локални проекти, со што се очекува реализација на нови инфраструктурни инвестиции низ општините.

ИЗДВОЕНИ