Професорката била на боледување 17 години, ја добивала целата плата, а сега ја тужи државата затоа што е во пензија

Како што пишува „Билд“, 62-годишната наставничка работела во средно стручно училиште во покраината Северна Рајна-Вестфалија од 2003 до 2009 година. После тоа, поради психолошки нарушувања, таа неколку пати земала боледување, кое практично траело до 2026 година.

За време на нејзиното отсуство од работа, таа продолжила да ја добива целата плата. Според важечките прописи за државни службеници, нејзината месечна бруто плата била помеѓу 5.051 и 6.174 евра.

Пресвртот во случајот дошол по лекарски преглед што го наредила државата. Заклучено е дека не може да се очекува професорката повторно да може да работи во следните шест месеци, па затоа одлуката за пензионирање е донесена на крајот на мај.

Таа прима пензија од јуни, која, според локалните медиуми, е помеѓу 1.500 и 2.000 евра помала од нејзината моментална плата.

Обвинителството отвори истрага

Сепак, 62-годишната жена поднесе тужба до Управниот суд во Диселдорф оспорувајќи ја одлуката за пензионирање. Портпаролот на судот потврди дека тужбата е примена на 29 јуни 2026 година.

Додека властите не донесат одлука, не е познато дали ќе има право на целосна плата. Делот од нејзиниот приход што го надминува износот на пензијата е засега суспендиран. Окружната влада во Диселдорф изјави дека, доколку судот ја одобри тужбата, задржаниот дел од платата ќе ѝ биде исплатен подоцна.

Обвинителствотово Дуизбург спроведува истрага против неа, бидејќи се сомнева дека работела нелегално во својот стан за време на боледувањето, како практичар по алтернативна медицина.

Германските медиуми објавуваат дека таа развила крем за сува кожа заедно со својот сопруг.

ИЗДВОЕНИ