Македонските транспортни компании се соочуваат со сериозни предизвици поради новиот начин на примена на правилата во Шенген-зоната, но и поради зголемениот притисок од земјите членки на Европската Унија, кои се обидуваат да привлечат што повеќе професионални возачи од регионот. Ова, во изјава за босанскиот портал „Фена“, го посочува генералниот секретар на асоцијацијата „Макам-транс“, Биљана Муратовска.

Според неа, иако формално не станува збор за нови правила, туку за нов начин на евидентирање на престојот во Шенген-зоната, последиците врз транспортниот сектор се сериозни.

– Ова е старо правило што нè изненади сите. Кога беа укинати визите пред 17 години, се израдувавме, но ниту превозниците ниту институциите не ја забележаа замката што се создаде со проширувањето на Шенген-зоната на 29 држави, со што Западен Балкан практично остана изолиран – вели Муратовска.

Таа посочува дека проблемот не е нов и датира уште од 2015 година, кога земјите од ЕУ почнале систематски да креираат политики за привлекување возачи од Балканот. Според податоците на Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ), во периодот од 2015 до 2025 година, околу два милиона возачи заминале во пензија, а веќе во 2026 година се очекува недостиг од дополнителни 500.000 возачи.

Во такви услови, Муратовска тврди дека европските земји користат различни механизми за да ги привлечат возачите – од зачестени контроли на патиштата, до административни бариери и казни кои, како што вели, често мора да се платат веднаш, без можност за жалба.

– Се воведуваат и нови толкувања на правилата за меѓународен транспорт. Франција, Белгија и Австрија го третираат транзитниот превоз како превоз до трета држава или бараат секој транспорт да започнува од матичната земја. Ова е спротивно на договорите што ги имаме со ЕУ – нагласува таа.

Дополнителен проблем, според неа, е тоа што патниот транспорт не е изземен од правилото за ограничување на престојот (90/180 дена), за разлика од авионскиот, железничкиот и бродскиот сообраќај.

Последиците веќе се чувствуваат на терен. Муратовска вели дека поради одливот на возачи и ограничувањата, околу 40 проценти од возниот парк во земјава е нефункционален, а намален е и обемот на транспорт на стоки, што отвора ризик од поширока економска криза. Во меѓувреме, превозниците се надеваат на институционално решение. Во тек се преговори со неколку земји, со цел возачите на кратки релации да добијат статус на прекугранични работници, за кои нема да важат ограничувањата за престој.

– Свесни сме дека поединечни држави членки на ЕУ прават опструкции под притисок на своите превозници, кои сакаат да ни ги преземат возачите, но и да го освојат транспортниот пазар на кој работиме со години, особено по почетокот на војната во Украина – истакнува Муратовска.

Таа предупредува дека ваквата политика може да има далекусежни последици, не само за транспортниот сектор туку и за целата економија.

– ЕУ практично го затвори кругот околу нас и нè врати на некаков вид визен режим, иако нашето законодавство е усогласено. Ако повторно дојде до блокади на границите, штетите ќе ги трпат и превозниците и економијата – вели таа.

ИЗДВОЕНИ