Само со измена на Законот за црква, верска заедница и религиозна група, ќе се реши и проблемот со средното исламско теолошко училиште „Иса Бег Медреса“, соопшти вчера Иницијатива за реформи во Исламска верска заедница. Оваа групација која дејствува како надворешен опонент на раководството на ИВЗ реагира по неодамнешната одлука на Уставниот суд според која е укината одлуката на македонската Влада од март 2024 година кој дозволува Медресата да работи како приватно средно училиште. Мнозинство уставни судии застанаа на ставот дека ниту Уставот, ниту, пак, кој било закон во државата не допушта и не предвидува постапка за основање на приватно средно училиште со граѓанско образование од страна на верска заедница или религиозна група.
Во реакцијата се потсетува дека проблемот се појавил во 2008 година кога средното образложение во земјава станало задолжително. Сега, ИВЗ не знаејќи како да го реши реалниот проблем со средното теолошко училиште „Иса Бег Медреса” измислува други виновници. Се додава дека ИВЗ потфрлила и воопшто не се соочила со ова ситуација.
-Во таа немоќ, Шаќир Фетаху искористувајќи го премиерскиот мандат на Талат Џафери, со една никаква владина одлука, го укинува 600-годишното исламско теолошко училиште „Иса Бег Медреса“, и со исто име формира приватна гимназија „Медресеја Иса Беу“. Среќна околност за Шаќир Фетаху, е тоа што, во Македонија не владее шеријатскиот закон. Заради ваквата состојба, преполна со манипулации и лаги на Шаќир Фетаху, Иницијативата за Реформи во ИВЗ, неколку пати досега, од новата влада има побарано целосна или темелна измена на законот за црква, верска заедница и религиозна група, како и трансформација на Комисијата за односи со верските заедници. Ние веруваме дека само со измена на законот за црква, верска заедница и религиозна група и со трансформација на комисијата во активна, ефективна и одговорна институција, ќе се реши и проблемот со средното исламско теолошко училиште „Иса Бег Медреса“. Всушност, само на овој начин на училиштето ќе му се врати авторитетот меѓу припадниците на исламот и пошироко, квалитетот на наставата, и секако квалитетот на кадрите што ќе се подготвуваат и ќе излезат од тоа училиште. Односно училиштето да се врати да функционира за тоа за што е формирано и за ништо друго. За да се постигне квалитетот, неминовна е и акредитацијата на училиштето од страна на државата, затоа што квалитетот на ова училиште е многу важен, и тоа не само во границите на Македонија туку и многу пошироко – наведуваат од Иницијативата. (Б.Ѓ.)
Фото: ФБ на Медреса Иса Бег