Обвинителството во Пловдив одреди притвор за петтемина тинејџери обвинети за брутално убиство на 37-годишен маж. Според Обвинителството, три момчиња и две девојчиња на возраст меѓу 14 и 17 години, имитирајќи ги таканаречените ловци на педофили, го намамиле мажот и му нанеле тешки повреди, од кои тој подоцна починал во болница, а му ги зеле и парите со кои подоцна се честеле.
Надлежните објавија дека средбата со него била организирана под Младински Рид во Пловдив, преку комуникација на социјалните мрежи, а масакрот бил однапред планиран. Една од девојките во групата, која има 17 години, се претставила како 15-годишничка, а кога 37-годишниот маж се согласил да се види со неа, младите наместо да пријават во полиција, решиле да го нападнат во заседа, имитирајќи ги таканаречените ловци на педофили, кои снимаат и објавуваат вакви пресметки на Интернет.
Петтемина се сметаат за кривично одговорни за убиство извршено на особено мачен начин, со посебна суровост, од хулигански и сексуален мотив. Во случајот биле приведени 10 млади луѓе на возраст од 14 до 17 години, но притвор е одреден само за петтемина кои се сметаат за најактивни учесници во нападот во кој 37-годишникот се здобил со тешка повреда на главата, повеќе скршеници и внатрешни повреди, по што починал. Според обвинителството, тие не само што ја тепале жртвата туку и ја исмејувале, а нападот го снимиле, но нема докази дека е дистрибуирано видеото на социјалните мрежи.
Законот предвидува казна од пет до 12 години затвор за малолетници над 16 години, а за оние под 16 години, казните се намалени.












