Во галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје, на 14 октомври, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена првата самостојна изложба на младиот македонски уметник Никола Тренов, насловена „Примитивна хармонија: Есенција на постоењето“.
Изложбата претставува визуелна приказна за човекот и неговата вечна потреба за близина, љубов, слобода, припадност и заедништво, но и за неговиот однос кон природата и светот што го опкружува. Преку смела палета, експресивни форми и препознатлив ликовен јазик, Тренов гради свет во кој човечката фигура станува носител на емоцијата, сеќавањето и личното доживување.
Во неговиот визуелен израз се преплетуваат влијанија од фовизмот, балканската наива, модернизмот и кубизмот, надополнети со поетичноста и интимноста карактеристични за делата на Марк Шагал. Сепак, овие влијанија кај Тренов не функционираат како цитати или репродукција на туѓи уметнички јазици, туку како појдовни точки од кои тој гради сопствен, автентичен и препознатлив израз.
„Примитивна хармонија“ ја преиспитува идејата дека токму во едноставните човечки искуства се содржани најважните нешта на постоењето. Контактот, довербата, љубовта, природата, музиката и заедничкото живеење стануваат суштински мотиви преку кои авторот зборува за човекот – не како изолиран поединец, туку како суштество кое постојано трага по поврзаност и хармонија.
Изложбата е своевиден „битов роман“ насликан со четки – визуелна приказна во која секоја композиција функционира како фрагмент од едно пошироко човечко искуство.
Творештво на Тренов се карактеризира со фигуративен интуитивен експресионизам, преку кој човечката фигура ја истражува низ призма на лично доживување. Неговите дела се препознатливи по елементите на примитивен цртеж, експресивниот потег, интензивниот колорит и силниот емоционален набој во композицијата.












