Последните напади на Саудиска Арабија, кои се најтешки во последните десет години, укажуваат на зголемената воена моќ на хутите, кои од бунтовничко движење прераснаа во една од најмоќните недржавни вооружени формации на Блискиот Исток. Аналитичарите истакнуваат дека успесите на хутите не се резултат само на нивното сè пософистицирано оружје туку и на подобрата организација, како и на слабоста на меѓународно признатата јеменска влада поддржана од Саудиска Арабија
Јеменските хути се разбудија. Последниве денови, под нивни оган е аеродромот во Ријад, што резултираше со околу 15 жртви и најмалку 300 ранети. Саудискиот принц Салман е принуден да се сели од бункер во бункер, а на целиот свет му се заканува да остане без испораките на нафта преку Црвеното Море.
Последните напади, кои се најтешки во последните десет години, укажуваат на зголемената воена моќ на хутите, кои од бунтовничко движење прераснаа во една од најмоќните недржавни вооружени формации на Блискиот Исток. Освен аеродромот во Ријад, хутите ја нападнаа и саудиската нафтена инфраструктура, а истовремено зазедоа дополнителни територии по должината на брегот на Црвеното Море во Јемен, вклучувајќи го и пристаништето Моха. Со преземањето на островот Перим, во стратешки важниот протокот Баб ел Мандеб, тие воспоставија контрола и врз влезот во Црвеното Море, иако силите на јеменската влада, поддржани од Саудиска Арабија, во меѓувреме почнаа контраофанзива. Хутите прогласија блокада на саудиските пристаништа во јули и оттогаш постојано напаѓаат саудиски бродови што се обидуваат да поминат низ протокот Баб ел Мандеб, сериозно загрозувајќи го извозот на саудиска нафта.
– Сите сè уште ја потценуваат воената моќ на Хутите. Одеднаш, тие момци „во влечки“ можат да ги удвојат или тројно да ги зголемат вашите сметки за греење во зима, изјави за „Фајненшал тајмс“ (ФТ), Фареа ал-Муслими, експерт за Јемен во лондонскиот истражувачки институт „Чатам хаус“.
Тој додава дека тие не се само луѓе во влечки, туку се технолошки експерти, зашто во текот на изминатата деценија, со помош на Иран развивале воени капацитети и сопствено производство на оружје.
Сепак, аналитичарите истакнуваат дека успесите на хутите не се резултат само на нивното сè пософистицирано оружје туку и на подобрата организација, како и на слабоста на меѓународно признатата јеменска влада поддржана од Саудиска Арабија. Темелите на воената моќ на хутите беа поставени во септември 2014 година, кога ја освоија Сана и презедоа голем дел од арсеналот на јеменската армија.
– Тие не почнаа од нула, тие веќе имаа основа. Потоа хутите презедоа и искусни офицери, експерти за ракети и воени единици, кои подоцна ги реорганизираа во пообединета и добро координирана сила, вели за ФТ Мохамед Ел Баша, директор на специјализираната консултантска куќа за безбедност, „Баша репорт“.
Тој истакнува дека хутите сега во голема мера можат сами да ги произведуваат своите препознатливи беспилотни летала „шамад“, користејќи фиберглас произведен во Јемен и комерцијално достапни компоненти, од кои многу се увезуваат од Кина, но кога станува збор за пософистицирани балистички и крстосувачки ракети, сè уште во голема мера зависат од иранските компоненти и иранската технологија.
– Со помош на Иран, хутите развиле способност да напаѓаат многу подалечни цели, вклучувајќи го и Израел, вели воениот аналитичар Александру Худистеану за „Ал џезира“.
Не е познато колку трошат хутите за армијата, но нивниот вкупен приход изнесува 2,5 милијарди долари од наплатата на даноци и царини во областите што ги контролираат и уште две милијарди од нелегалната продажба на нафта. Иако станува збор за големи средства, тие се значително помали од ресурсите со кои располага Ријад. И покрај ова, хутите успеваат да ѝ наметнат големи трошоци на Саудиска Арабија. Во асиметричното војување, тие не мора да ја добијат војната, туку да ја направат скапа за противникот на долг рок.












