четврток, јуни 4, 2026
Дома СКОПСКА Прикажан едукативниот анимиран филм „Кликни безбедно“ 

Прикажан едукативниот анимиран филм „Кликни безбедно“ 

94

Едукативниот анимиран филм „Кликни безбедно“, создаден како заеднички проект на учениците и наставниците, со цел подигнување на свеста за безбедно и одговорно користење на Интернетот, денеска беше промотивно прикажан во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода.

Прикажувањето на едукативниот цртан филм „Кликни безбедно“ е во рамките на проектот „MKSafeNet – Центар за побезбеден Интернет“. Ова е последната активност со која се завршуваат Месецот на побезбеден Интернет и нашиот европски проект „MKSafeNet“.

– Филмот е наменет за најмладите и има цел на едноставен и разбирлив начин да ја доближи важноста на дигиталната писменост, како и на безбедното, одговорно и етичко користење на Интернетот. Во време кога сè порано се среќаваат децата со дигиталниот свет, наша заедничка одговорност е да создадеме средина во која технологијата ќе биде алатка за учење, креативност и развој, а не извор на ризици – изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски кој присуствуваше на настанот.

Тој потенцира дека ваквите иницијативи се особено важни – тие ја поттикнуваат соработката меѓу институциите, училиштата и родителите, со заедничка цел: побезбеден Интернет за секое дете.
Анимираниот филм ќе биде достапен во сите училишта во Македонија и сите телевизии ќе имаат можност да го прикажуваат.

Андоновски додаде дека Министерството за дигитална трансформација останува посветено на политиките и проектите што ги зајакнуваат дигиталната писменост и онлајн безбедноста, особено кај младите генерации.

На настанот присуствуваа и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.

– Во време кога децата сè порано влегуваат во дигиталниот свет, наша заедничка обврска е да создадеме средина во која технологијата ќе биде простор за знаење, креативност и за развој, а не извор на ризици. Токму затоа ваквите иницијативи имаат особено значење, да ја поттикнат соработката меѓу институциите, училиштата и родителите, со цел побезбеден Интернет за секое дете – истакна Ѓорѓиевски.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ