Родителите и годинава може да сметаат на мерката „Училишна кошничка“. Владата во вторник треба да донесе одлука дали повторно ќе бидат ограничени цените на дел од училишниот прибор, во периодот кога семејствата традиционално имаат најголеми трошоци пред почетокот на учебната година.
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека темата ќе биде на владина седница.
– Да, ќе има и во вторник, на владина седница, ќе донесеме одлука – одговори Мицкоски на прашањето дали ќе продолжи мерката и годинава.

На списокот со трошоци за почеток на учебната година се: ранците, тетратките, моливите, гумите, линијарите, лепилата, маркерите, блоковите и приборот за ликовно и техничко образование. Иако државата обезбедува бесплатни учебници, а дел од општините дополнително помагаат со таблети, униформи или со ранци за првачињата, набавката на основниот прибор најчесто останува на товар на родителите.
Пред конечната одлука, Министерството за економија треба да разговара со трговците за цените и за можните мерки за заштита на куповната моќ. Министерството за образование, пак, веќе посочи дека иницијативата за ваква мерка е во надлежност на економскиот ресор.
– Сигурна сум дека тие водат сметка за сѐ што треба да се направи и доколку има такво нешто, навреме ќе бидат информирани родителите – изјави министерката за образование, Весна Јаневска.
„Училишната кошничка“ беше воведена во изминатите две години, како одговор на зголемените трошоци за школување. Мерката важеше до 15 септември, а трговците имаа ограничени маржи на дел од производите, со што цените требаше да бидат најмалку 10 проценти пониски. Според владините пресметки, семејство со две деца на овој начин можело да заштеди околу 3.000 денари.
Дополнителна помош обезбедуваат и дел од општините. Кисела Вода, Центар, Карпош и Ѓорче Петров имаат различни програми за бесплатен прибор и ранци, додека некои локални самоуправи обезбедуваат и парична поддршка за првачињата. Во Тетово, на пример, најавена е помош од 100 евра за секое прваче, додека во други општини сумите и формите на поддршка се различни.












