Властите на Фиџи прогласија национална здравствена вонредна состојба за справување со порастот на случаите на ХИВ, при што се проценува дека еден од 60 возрасни лица сега живее со вирусот.
Оваа одлука е донесена по неодамна објавените податоци на УНАИД кои покажаа значително зголемување на бројот на нови инфекции, со 2.016 нови случаи дијагностицирани во 2025 година – што е за 27% повеќе од претходната година и 12 пати повеќе отколку во 2010 година, пишува The Guardian.
Според проценките, на околу 930.000 жители на островот, 9.100 од нив сега живеат со вирусот.
Според извештаите, медицинскиот тим на Кесаја Туидраки тестирал 97 лица, претежно тинејџери, од кои еден од шестмина бил позитивен на тестот.
„Децата страдаат, децата умираат, и ако тоа не ве погоди вас, не знам што ќе ве погоди“, рече Туидраки.
Фиџиската влада прогласи вонредна состојба бидејќи само мал број жители се тестираат и имаат пристап до третман.
Џејсон Мичел, раководител на одделот за одговор на ХИВ на островската земја, рече дека може да бидат потребни помеѓу пет и десет години за да се стави вирусот под контрола и дека очекува бројот на заразени лица во меѓувреме да се зголеми.
Изјави дека кризата е главно поврзана со употребата на наркотици, односно дека повеќе од 42% од новите случаи во 2025 година биле предизвикани од споделување на контаминирани игли или опрема.
Мичел исто така вели дека очекува во следните две недели да се усвои амандман на Законот за ХИВ, со кој на здравствените работници ќе им се овозможи да делат игли, а тој напомена и дека владата била „претпазлива“ во однос на прогласувањето вонредна состојба – чекор на кој неговиот тим повикувал уште од јуни.
Неговиот тим планира да отвори нова клиника каде што тестирањето и лекувањето би биле интегрирани во услугите на општата медицинска пракса.
„Зголемувањето на бројот на случаи значи дека повеќе луѓе се тестираат, што е позитивно“, рече Мичел.
Фиџи е центар за трговија со дрога во Пацификот – особено за метамфетамин наменет за пазарите во Австралија и Нов Зеланд – но употребата ескалираше за време на пандемијата на КОВИД-19, кога границите беа затворени, а метамфетаминот почна да циркулира внатре во земјата.
UNAIDS соопшти дека само 39 проценти од луѓето што живеат со ХИВ на Фиџи го знаат својот статус, при што некои ја негираат состојбата или одбиваат тестирање.
Организацијата исто така изрази загриженост поради ширењето на вирусот низ Пацификот, укажувајќи на пораст на случаите на Соломонските Острови и во Папуа Нова Гвинеја.












