четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРЕМИЕРОТ ЗА ГРЧКИТЕ ТВРДЕЊА ДЕКА СПРЕЧИЛЕ МЕЛАНИЈА ТРАМП ДА ГО УПОТРЕБИ ИМЕТО...

ПРЕМИЕРОТ ЗА ГРЧКИТЕ ТВРДЕЊА ДЕКА СПРЕЧИЛЕ МЕЛАНИЈА ТРАМП ДА ГО УПОТРЕБИ ИМЕТО МАКЕДОНИЈА: Мицкоски: Зар некој може да верува дека говорот на првата дама на САД оди на рецензија кај некој дипломатски претставник?

2980

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека не верува дека грчки дипломатски претставник во Вашингтон имал увид во говорот на првата дама на САД, Меланија Трамп, по што ја спречил да го употреби името Македонија. Тој го кажа ова во одговор на новинарското прашање врзано за вчерашните информации дека грчката амбасада во Вашингтон реагирала и се спротивставила на употребата на името Македонија за нашата земја на собирот на кој присуствувала и неговата сопруга, Рози Мицкоска.

– Го читав тој напис во медиумите кај нашиот јужен сосед. Претпоставувам дека се дипломатски извори. Зар некој може да верува дека говорот на првата дама на САД, пред таа да го каже во јавноста, оди на рецензија кај некој дипломатски претставник? Јас не верувам во тоа. Односно, ако тоа се случило, тогаш САД имаат сериозен проблем во безбедносниот протокол. А тоа што, претпоставувам, некој од дипломатите на некоја амбасада сакаат да бидат интересни, можеби за медиумите, па тоа го претставуваат како дипломатски успех, тоа е друга тема. Но, верувајте, од моето искуство, многу е тешко, да не речам, невозможно, некој надворешен да дојде до говорот на првата дама на САД, пред таа да ѝ го соопшти на јавноста. Така што, тие што го смислиле ова, мислам дека направиле неуспешна играна серија, рече Мицкоски.

Реакција од грчкиот амбасадор во САД, Андонис Александридис, спречила првата дама на САД да го користи името „Македонија“, именувајќи ја нашата земја. Вчера, повеќето грчки медиуми објавија дека грчкиот амбасадорот бил информиран за говорот на Меланија Трамп, на Глобалниот самит во Белата куќа, и „навреме реагирал да се користи терминот Северна Македонија“. Се додава дека по интервенцијата на нивниот амбасадор, првата дама на САД ѝ се обрати на нашата земја под нејзиното уставно име Северна Македонија, со што се избегнало какво било погрешно толкување или дипломатска тензија. (Б. Ѓ.)

Меланија Трамп кажа Македонија, Грција протестира!

ИЗДВОЕНИ