четврток, јуни 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Преку 14,5 милиони денари социјална помош завршиле кај пензионери, системот со години...

Преку 14,5 милиони денари социјална помош завршиле кај пензионери, системот со години немал увид кој зема пензија

Ревизија откри хаос во социјалната заштита: исплати без контрола, фалсификувани наоди и милиони денари незаконски исплатени

283

ДЗР утврди сериозни слабости и неправилности во системот за исплата на правата од социјална заштита, при што само во 2024 година биле незаконски исплатени најмалку 14,5 милиони денари на лица кои истовремено користеле пензија и социјална помош. Во ревизорскиот извештај се наведува дека „системот и активностите за остварување, исплата и контрола на правата од социјална заштита не се во согласност во сите материјални аспекти со релевантната законска и подзаконска регулатива“.

Ревизорите утврдиле дека 235 корисници истовремено користеле и пензија и права од социјална заштита, што е спротивно на законските услови.

„190 корисници на правото на гарантирана минимална помош истовремено користеле гарантирана минимална помош и пензија, при што неосновано се исплатени средства во вкупен износ од 10.763 илјади денари“.

Дополнително, кај 40 корисници на правото на социјална сигурност за стари лица биле исплатени уште 3,3 милиони денари, а кај пет лица со траен надоместок – 426 илјади денари.

Една од најсериозните забелешки е што центрите за социјална работа со години немале функционална размена на податоци со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. „Во рамки на СПИЛ-системот нема функционална размена на податоци од ФПИОСМ, поради што стручните работници немаат можност системски да утврдат дали барателот или корисникот користи пензија“. Тоа значело дека социјална помош можеле да добиваат и лица кои веќе имале пензиски приходи.

 Исплатите за социјална помош пораснале за 30 отсто

Ревизијата покажува дека трошоците за социјална помош бележат силен пораст. Во 2024 година биле исплатени преку 10 милијарди денари, што претставува 15 отсто од вкупните расходи на МТСП.

„Вкупните средства исплатени за сите права се зголемиле за околу 30 % (од 7.713.274 илјади денари на 10.003.289 илјади денари), што укажува на зголемен тренд на зафаќање на средства од буџетот“.

Единаесет лица добивале право на социјална сигурност за стари лица иако не ја исполнувале законската старосна граница, при што биле исплатени 3,2 милиони денари. Дванаесет лица користеле и гарантирана минимална помош и надоместок за невработеност, што предизвикало дополнителна штета од 740 илјади денари, во дел од случаите социјална помош била одобрувана без целосна документација, без непосреден увид во домаќинствата и без редовно годишно преиспитување на правата.

Извештајот открива дека ниту Министерството ниту најголем дел од Центрите за социјална работа немаат јасно утврдени внатрешни процедури за исплата и контрола на социјалните права. „Не е воспоставен целосно дефиниран и документиран процес од моментот на поднесување на барањето, па сè до неговата исплата, со јасно утврдени надлежности, одговорности и комуникација“.

Ревизорите предупредуваат дека ова создава ризик од грешки, злоупотреби и неосновано трошење на буџетските средства.

Во извештајот се посочуваат и сериозни сомнежи за злоупотреби во Тетово. Поведени се постапки против вработени поради сомневања за незаконски исплати, а поднесена е и кривична пријава за фалсификувани медицински наоди за туѓа нега.

„Кај 23 корисници на правото на помош и нега од друго лице, наодите од стручната комисија се негативни, додека наодите во досиејата се позитивни“.

ДЗР препорачува итно унапредување на правната рамка, воспоставување функционална размена на податоци меѓу институциите, јакнење на внатрешните контроли и поефикасен инспекциски надзор. Ревизорите предупредуваат дека без овие мерки постои сериозен ризик од понатамошни злоупотреби и неефикасно трошење на буџетските средства наменети за најранливите категории граѓани. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ