Четириесеттиот ден од почетокот на војната меѓу САД, Израел и Иран донесе она што светот го чекаше – прекин на огнот. Сепак, првите часови од прекинот на огнот покажаа дека мирот виси на конец, додека конфликтите се преместуваат на други фронтови и се закануваат целосно да го срушат договорот.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го прогласи вчерашниот ден за „голем ден за светскиот мир“, откако Вашингтон и Техеран, со посредство на Шахбаз Шариф, постигнаа двонеделен договор за прекин на огнот. Договорот беше постигнат во последен момент – само десет минути пред истекот на ултиматумот во кој Трамп се закани со катастрофални последици ако Иран не го отвори Ормускиот теснец.
Зад сцената, преговорите беа драматични – пораките се разменуваа преку посредници, а притисокот растеше секој час. На крајот, Иран понуди „модифициран план“, кој Белата куќа го оцени како основа за понатамошни разговори.
Сепак, од првиот ден од прекинот на огнот е јасно дека договорот има сериозни пукнатини.
Најголемиот проблем е Либан. Додека Иран и Пакистан тврдат дека и оваа земја е вклучена во прекинот на огнот, и Вашингтон и Тел Авив го негираат тоа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека кампањата против Иран не е завршена и дека армијата е подготвена да продолжи со операциите во секое време.
Во исто време, израелските напади врз Либан не стивнуваат – стотици луѓе се убиени и ранети во едно од најсилните бомбардирања во последните децении. Иран се закани дека ќе се повлече од договорот ако нападите продолжат.
Министерот за надворешни работи на Иран, Сејед Абас Арагчи, јасно стави до знаење: САД мора да изберат – или прекин на огнот или продолжување на војната преку Израел.
И покрај тензиите, преговорите продолжуваат. Американскиот тим го предводи потпретседателот Џ.Д. Венс, кој ќе се обиде да постигне потрајна согласност во Исламабад овој викенд.
Венс призна дека постои „недоразбирање“ околу Либан, но предупреди дека би било „глупаво“ Иран да ги напушти преговорите поради тоа.
САД тврдат дека имаат ветување од Техеран да го отворат Ормутскиот теснец – клучна точка за глобалната трговија со нафта, чие затворање ги потресе светските пазари.
Додека политичарите зборуваат за мир, ситуацијата на терен е далеку од стабилна:
Активирана е противвоздушна одбрана во Техеран, Исфахан и Керман
Регистрирани се нови напади со ракети и дронови
Танкерите само спорадично минуваат низ Ормутскиот теснец
Израел продолжува со операциите против Хезболах
Дури и по прогласувањето на прекин на огнот, експлозиите и сирените не престанаа, што дополнително ја поткопува довербата меѓу страните.
Политички превирања во Вашингтон
Во меѓувреме, притисокот врз Трамп расте во САД. Демократскиот сенатор Чак Шумер објави резолуција со која ќе се ограничи овластувањето на претседателот да ја продолжи војната, нарекувајќи го конфликтот „една од најлошите одлуки за надворешна политика во историјата“.
Свет помеѓу надежта и новата војна
Додека меѓународната заедница го поздравува прекинот на огнот и повикува на траен мир, реалноста е многу посложена. Додека Техеран слави, а Вашингтон зборува за „златното доба на Блискиот Исток“, експлозиите продолжуваат да одекнуваат на терен.
Прекинот на огнот стапи на сила – но војната очигледно сè уште не е завршена.












