Њујоршката полиција е во потрага по лице кое доцна ноќеска оставило шестмесечно девојче во количка за бебиња среде „Тајмс сквер“. Бебето е пронајдено малку по 23 часот на крстосницата на Западна 44-та улица и Бродвеј, објави „Ен-би-си њуз“.
Според информациите од полициските извори, се чини дека на напуштањето на детето му претходела расправија на родителите во воз на подземната железница, по што секој од нив заминал на своја страна.
Снимките од надзорните камери забележале маж во фармерки и темна јакна како турка количка до местото каде што подоцна е пронајдена и потоа се оддалечува
Девојчето не било повредено и се наоѓа во добра состојба, но превентивно е однесено во болница на преглед.
Властите засега немаат објавено опис на можни соучесници. Градската управа за детски услуги не сакаше да го коментира случајот. Полицијата упати повик до сите кои имаат какви било информации да се обратат до надлежните служби.












