Владата следната недела ќе донесе Одлука со која одморалиштето „Пониква“ ќе му се отстапи на Министерството за здравство како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација на повредените во пожарот во Кочани, објави денеска портпароклката на Владата, Марија Митева.
Таа додаде дека сместувањето и почетокот на терапиите ќе започнат веднаш штом заврши административната процедура, а здравствените тимови веќе воспоставуваат контакт со повредените и нивните семејства.
-Станува збор за пациенти кои се веќе стабилизирани, но имаат реална потреба од понатамошен третман, со цел да се спречат и намалат долгорочните последици од изгорениците, како и други компликации кои може да произлезат од подолготрајното лекување, појасни Митева.
Таа додаде дека во координација со Министерството за здравство и медицинските тимови, веќе се изработува оперативен план за згрижување на пациентите. Медицинскиот кадар ќе биде пренесен на „Пониква“ заедно со потребната опрема, при што ќе се обезбеди континуирана медицинска нега на терен.
Пациентите ќе бидат распределени во неколку групи и циклуси на терапија, со персонализиран пристап според препораките на лекарите. Покрај медицинската нега, оваа мерка има и психолошка и социјална димензија, бидејќи ќе овозможи меѓусебна поддршка меѓу пациентите и подобрување на нивната психо-емоционална состојба.
-Оваа мерка е институционален одговор, израз на одговорност и посветеност кон секој поединец. Нема ништо поважно од човечкиот живот и достоинството на луѓето. Како Влада ќе продолжиме да делуваме одлучно, организирано и со целосна грижа кон пациентите, порача Митева.
Одморалиштето „Пониква“, кое е во сопственост на Министерството за внатрешни работи, располага со 27 соби и 56 легла, и се наоѓа во природна и мирна средина – услови кои се исклучително погодни за пациентите што се наоѓаат во фаза од лекувањето во која е неопходна физикална и работна терапија.