Според најновите податоци на АД ЕСМ, производството на електрична енергија од хидроелектраните е зголемено за 76 проценти во споредба со истиот период минатата година, додека производството од ветерните електрани бележи раст од околу 10 проценти. Истовремено, исполнетоста на акумулациите достигнува околу 80 проценти, што претставува значајна гаранција за стабилно и сигурно снабдување во периодите на зголемена потрошувачка.
Паралелно со зголеменото производство, продолжуваат и инвестициите во нови енергетски капацитети. Интензивно се гради втората фаза од ветерниот парк Богданци, кој следната година ќе достигне инсталиран капацитет од 50 MW. Воедно започнува реализацијата на фотонапонските електрани Битола 1 и Осломеј 2, додека подготовките за Битола 2 и Битола 3 се во напредна фаза. Енергетската независност, сепак, не се обезбедува само преку поголемо домашно производство. Таа се гради и преку сигурни енергетски врски со соседите и диверзификација на снабдувањето.
Во таа насока, интензивно се реализира проектот за гасниот интерконектор со Грција, кој ќе овозможи пристап до нови извори на природен гас. Паралелно се подготвува и изградбата на гасниот интерконектор со Србија, со што Македонија ќе стане дел од поширока регионална гасна мрежа и ќе ја зацврсти својата позиција како значаен енергетски јазол на Балканот.
-Нашата цел е јасна – Македонија да стане енергетски независна држава, која произведува повеќе домашна, чиста и конкурентна енергија. Ги развиваме обновливите извори, инвестираме во модерна инфраструктура и отвораме нови енергетски коридори што ќе ја зајакнат сигурноста на снабдувањето. Тоа не е само економска придобивка, туку прашање на национална безбедност, стабилност и развој. Нашата амбиција е Македонија не само да ги задоволува сопствените потреби, туку да стане и нето извозник на електрична енергија- изјави Божиновска.
Последните глобални енергетски кризи уште еднаш покажаа дека државите кои инвестираат во сопствено производство, обновливи извори и диверзифицирани енергетски врски се поотпорни на надворешни шокови, поконкурентни и поуспешно ги штитат интересите на своите граѓани и економија. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува цврсто посветено на изградба на сигурен, модерен и одржлив енергетски систем, затоа што силна енергетика значи силна економија, сигурни граѓани и силна држава.












