Деновиве тројца млади стрип-таленти ќе ја претставуваат Македонија на меѓународниот фестивал „Инкубатор“ во Јошаничка Бања, во Србија.
До 13 јули, Јошаничка Бања ќе биде епицентарот на регионалната стрип-сцена. Годинава, традиционалната 14-та Меѓународна стрип-колонија во Рашка прераснува во нов, проширен формат како дел од првиот Фестивал на стрип „Инкубатор“. Оваа престижна уметничка манифестација, која со години ги поврзува младите таленти и искусните автори од разни земји, ветува богата петдневна програма исполнета со работилници, промоции и изложби.
Како што посочува Томе Трајков, македонската стрип-сцена и оваа година продолжува со своето традиционално учество, кое датира уште од 2015 година. Официјален организатор на македонската екипа за ова издание е групацијата „Стрип Центар-стрипот може“ со седиште во Велес.
-Нашата земја ќе ја претставува исклучително млада и перспективна екипа од Скопје: студентката Ангела Петрушевска, како и средношколците Јасмина Јовчевска и Андреј Јовановски. За трите млади македонски надежи ова ќе биде бесценето искуство за нивниот уметнички развој. Тие ќе имаат уникатна можност директно во живо да творат и да учат од докажани авторитети во деветтата уметност, додава Трајков.
Овогодинешната програма на фестивалот е исклучително атрактивна за публиката и учесниците, а списокот на едукатори покрај еминентните предавачи се надополнува и со познатиот професор Владимир Весовиќ од Белград, кој со децении ја негува новата стрип-генерација на Балканот.
Делата што македонските автори ќе ги создадат за време на колонијата традиционално ќе бидат презентирани пред регионалната јавност, со што уште еднаш ќе се потврди силниот креативен мост меѓу младите уметници од Балканот.












