Австриската велосипедистка Валентина Кавалар (25) откри потресни детали од еден од најтешките моменти во нејзиниот живот, предизвикувајќи бурни реакции во спортската јавност. Членката на престижниот тим „СД Воркс-протајм“ раскажа низ какво трауматично искуство поминала по смртта на својата мајка.
Само неколку часа откако ја загубила мајка си во септември, на нејзината врата се појавиле службеници за допинг-контрола, барајќи да извршат тестирање. Она што следувало било особено болно за младата спортистка – тестот морала да го направи во просторијата веднаш до онаа во која се наоѓало безживотното тело на нејзината мајка.
- Во тој момент воопшто не размислував за велосипедизмот, натпреварите или обврските. Едноставно, бев ќерка која штотуку ја изгубила својата мајка, откри Кавалар.
Таа призна дека искуството било длабоко болно и несоодветно, поради што решила јавно да проговори за односот кон спортистите во најтешките животни моменти.
- Тоа беше момент без никакво почитување кон моето семејство, порача австриската велосипедистка.
Кавалар нагласи дека верува во чистиот спорт и потребата од допинг-контроли, но смета дека правилата не смеат да ја избришат човечката страна на професионалниот спорт.
- Зад секој спортист стои човечко суштество, со свој живот, семејство и емоции кои не исчезнуваат кога ќе започнат професионалните обврски, истакна таа.
На крајот, испрати силна порака до спортската заедница и до антидопинг-агенциите, повикувајќи на повеќе сочувство, разбирање и почит. Нејзината исповед отвори чувствителна тема за границата меѓу строгите спортски правила и човечноста во моментите на лична трагедија.










