Владата побара од Собранието да ја продолжи кризната состојба поради можност од настанување нарушување во снабдувањето со нафта и со нафтени деривати на територијата на државата до 20 април следната година.
Предлогот во кој се бара продолжување на кризната состојба уште шест месеци, денеска го разгледа собраниската Комисија за одбрана и безбедност и го проследи за натамошна постапка во Собранието.
Предлог-одлуката ја образложи министерот за одбрана, Владо Мисајловски.
– Се работи за изменување на одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба поради можност за настанување нарушување на снабдувањето со нафта и со нафтени деривати на целата територија. Фактички, со оваа одлука се продолжува рокот до 20 април 2027 година – појасни министерот.
Кризната состојба за снабдување со нафта и со нафтени деривати првпат беше донесена и стапи во сила на 21 април 2026 година (со одлука на Собранието од 16 април 2026 година) и двапати беше продолжена по три месеци, и тоа до 20 јули и до 20 октомври. Сега се бара нејзино продолжување за шест месеци.
Според закон, Владата може да прогласи кризна состојба во траење од еден месец, а за подолго траење треба да одлучи Собранието.












