Цените на акциите на Волстрит нагло паднаа бидејќи инвеститорите станаа нервозни пред прес-конференцијата на американскиот претседател Доналд Трамп за царините за увоз на автомобили.
Индексот Dow Jones падна за 0,31% на 42.454 поени, S&P 500 падна за 1,12% на 5.712 поени, додека Nasdaq индексот потона за дури 2,04% на 17.899 поени.
По растот во првите два дена од оваа недела, берзанските индекси вчера претрпеа сериозни загуби поради зголемената загриженост за трговската војна. За време на тргувањето, Белата куќа најави прес-конференција за царините за увоз на автомобили, што дополнително го потресе пазарот.
Иако Трамп ги најави овие царини на почетокот на годината, инвеститорите се надеваа дека тој ќе ги отфрли или ќе постигне договор со трговските партнери. Сепак, ништо од тоа не се случи – Трамп најави дека од 2 април ќе воведе царини за сите возила што не се произведени во САД, пренесува Index.hr.
Покрај автомобилскиот сектор, под притисок беа и технолошките компании. Од 11 клучни сектори на индексот S&P 500, шест забележаа пад, при што најголеми загуби претрпеа комуникацискиот и технолошкиот сектор, со пад од над 2%.
Меѓу најголемите губитници беа акциите на производителот на чипови Nvidia, кои паднаа за речиси 6%, и Tesla, која загуби околу 5,5% од својата вредност.
Сега се очекува одговор од земјите кои најмногу ќе бидат погодени од новите царини, како и дополнителни потези од Вашингтон, со оглед на тоа што Трамп најави воведување на реципрочни царини за сите земји кои наплаќаат увозни даноци за американските производи.
Нервозата ја почувствува и Европа. Поголемиот дел од европските берзи исто така забележаа пад на акциите, при што франкфуртски DAX падна за 1,17% на 22.839 поени, додека париски CAC падна за 0,96% на 8.030 поени. Лондонски FTSE беше единствениот кој забележа благ пораст од 0,30%, на 8689 поени.