Шведска на импресивен начин го отвори настапот на Светското првенство откако во Монтереј убедливо го совлада Тунис со 5:1 и испрати јасна порака дека не смее да биде потценета.

Во центарот на вниманието беше Јасин Ајари, фудбалер со туниско потекло, кој постигна два гола против земјата од која потекнува неговото семејство. Играчот на Брајтон го отвори резултатот уште во седмата минута, а потоа погоди и во судиското продолжение.

Интересно е што тој своевремено размислувал да настапува за Тунис, но по совет на својот татко, ја избрал Шведска, земјата во која е роден и во која ја има изградено својата кариера.

Покрај него, на листата со стрелци се запишаа и Александер Исак, кој погоди во 30. минута, и Виктор Џокереш во 59. Точка на убедливата победа ѝ стави Матиас Сванберг, кој постигна гол само неколку секунди по влегувањето во игра.

Единствениот погодок за Тунис беше дело на Камил Рекик во 43. минута, но тоа беше премалку за да се избегне убедлив пораз.

Со оваа победа, Шведска имаше одличен старт на Мундијалот, додека Тунис ќе мора брзо да ги консолидира редовите ако сака да остане во трката за пласман во следната фаза.

ИЗДВОЕНИ