
Европската Унија предлага дополнителна такса од 2 евра за секој производ во пратките со вредност до 150 евра што се увезуваат од земјите надвор од ЕУ. Новата давачка би се плаќала покрај привремената паушална царина од 3 евра, која се применува од 1 јули 2026 година.
Тоа значи дека за пакет со три различни производи, вкупните давачки би можеле да достигнат 11 евра. Иако формално обврската за плаќање ќе ја имаат продавачите, се очекува трошокот најчесто да биде префрлен на купувачите.
Мерката е дел од пошироката реформа на царинскиот систем на ЕУ, насочена кон подобра контрола на огромниот број мали пратки што пристигнуваат од трети земји, особено преку азиските онлајн платформи.
Советот на ЕУ веќе го усвоил предлогот за нов царински кодекс и царинско тело на ЕУ. Предвидено е формирање на единствен центар за царински податоци во Лил, кој треба да почне со работа во 2027 година.











