Кошаркарскиот свет е во шок откако Кристапс Порзингис објави дека се повлекува од играњето кошарка поради здравствени проблеми. Летонскиот центар, кој настапува за Голден стејт, се соочува со ретката состојба позната како синдром ПОТС, поради која одлучи здравјето да го стави на прво место.
Порзингис откри дека неговото тело не реагирало како што очекувал при зголемувањето на интензитетот на тренинзите, па сфатил дека во моментов не е подготвен за натпреварувачките предизвици.
- Навистина се радував што ќе играм за овој тим оваа сезона, но како што го зголемував интензитетот на тренинзите, моето тело не реагираше онака како што очекував. Добро сум, но знам што е потребно и свесен сум дека во моментов не сум на нивото на кое треба да бидам за да играм онака како што очекувам од себе. Во овој момент одлучив да го ставам здравјето на прво место и да се повлечам од играта што ја сакам, порача Летонецот.
Тој додаде дека сака заедно со Голден стејт да најде соодветно решение, а неизвесна останува и неговата договорна ситуација, со оглед на тоа што требаше да заработи 20 милиони долари.
Порзингис ја започна кариерата во Севиља, а во 2015 година беше избран како четврти пик на НБА-драфтот од Њујорк nикс. Три години подоцна настапи на Ол-стар натпреварот, а потоа играше и за Далас, Вашингтон, Бостон и Атланта.
Најголемиот тимски успех го оствари со Бостон, со кој ја освои шампионската титула во НБА. Минатата сезона го носеше дресот на Голден стејт, а сега неговата иднина во кошарката е неизвесна. Иако повлекувањето засега е поврзано со здравствената состојба, останува да се види дали ова навистина ќе биде крај на неговата професионална кариера.











