Голема мистерија го опкружува Кристапс Порзингис (31), кој требаше да биде дел од подготовките на Голден стејт за новата НБА-сезона, но сè уште не е со екипата. Уште позагрижувачки е тоа што, според извештаите на американските медиуми, во клубот немаат јасни информации кога би можел летонскиот центар да се врати на теренот.
Тренерот, Стив Кер, не даде конкретен одговор за ситуацијата, но порача дека здравјето на кошаркарот е најважно.
- Би сакале тој да биде овде со нас, но мора да му даде предност на здравјето. Го поддржуваме и продолжуваме понатаму, изјави Кер.
Според локалниот медиум „Сан Франциско Стандард“, неизвесноста околу Порзингис е поврзана со здравствените проблеми со кои се соочува во последните години. По сезоната 2024/25 се споменуваше можноста тој да боледува од ПОТС, односно синдром на постурална ортостатска тахикардија, нарушување што може да предизвика забрзана работа на срцето, замор и вртоглавица.
Новинарот Дени Емерман објави дека Голден стејт имал позитивни очекувања за неговата физичка подготвеност пред почетокот на подготовките, но потоа повторно се појавиле здравствени проблеми. Засега нема официјална потврда дека токму POTS е причината за неговото отсуство.
Порзингис летово потпиша двегодишно продолжување на договорот вредно 40 милиони долари, со опција за играчот за сезоната 2027/28. Според медиумските извештаи, 24 милиони долари од договорот се гарантирани, додека остатокот е условен.
Летонецот беше четврти пик на драфтот во 2015 година, а во кариерата настапуваше за Њујорк, Далас, Вашингтон, Бостон и Атланта. Со Бостон Селтикс ја освои НБА-титулата во 2024 година, по што продолжи да се соочува со проблеми со здравјето.
ПОТС е нарушување на автономниот нервен систем што влијае врз регулирањето на срцевата фреквенција и циркулацијата, особено при станување. Симптомите и нивната тежина се разликуваат од човек до човек, а третманот најчесто се приспособува индивидуално. Оваа болест моментално е неизлечива, но исто така се смета за „невидлив инвалидитет“ што може да се држи под контрола.
Во Голден стејт се надеваат дека Порзингис ќе може да се врати кога неговата состојба ќе му дозволи. Сепак, додека нема конкретни информации за неговото закрепнување, останува неизвесно кога еден од најискусните високи играчи во тимот повторно ќе заигра во НБА.











