Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска изјави дека белорускиот безбедносен сектор треба да биде „подготвен за најлошото можно сценарио“.
На состанокот со претставници на безбедносните сили во Минск, тој соопшти дека наредил спроведување масовни проверки за да се откријат и отстранат можните пропусти.
Според белоруската новинска агенција БелТА, проверките ќе се вршат ненајавено и насочено, на места за кои претседателот смета дека се потребни дополнителни проверки. Целта е да се утврди подготвеноста на безбедносните структури во услови што би можеле да одговараат на реални борбени околности.
„Проверките се вршат ненајавено, насочено таму каде што сметам дека е потребно. Со еден збор, онака како што би изгледале во реални борбени услови. Во услови на војна, особено го нагласувам тоа, кога се потребни единство и слога на сите вооружени сили, а не само на војската“, изјавил Лукашенко.
Тој нагласил дека Белорусија не смее да дозволи нов бран агресија и дека безбедносните структури мора да дејствуваат професионално, самоуверено и ефикасно.












