Унгарското Министерство за надворешни работи може да поднесе кривична пријава против непознати сторители во врска со трошоците за службените патувања на поранешниот премиер Виктор Орбан, откако информативниот портал „444“ објави соодветни документи. Документите откриваат дека милијарди форинти од државниот буџет биле потрошени за неговите летови и луксузно сместување.
Ѓерѓ Велкеј, државен секретар во Министерството за надворешни работи, изјави за радиото „Кошут“ дека правниот тим на Министерството ќе ја анализира документацијата за да утврди дали постојат основи за поведување правна постапка.
Унгарскиот портал „444“ преку законски канали дојде до податоци за службените авионски патувања на Виктор Орбан во периодот од 2015 до 2025 година, а потоа ги презентираше наодите во серија истражувачки стории.
Документацијата покажува дека, во текот на десет години, Министерството за надворешни работи и трговија потрошило 4,8 милијарди форинти – приближно 12 милиони евра – за 327 патувања.
Најскапото поединечно патување чинело 180 милиони форинти, додека Брисел бил најчестата дестинација – Орбан таму летал 74 пати. Неговите пет патувања во Соединетите Држави чинеле вкупно 380 милиони форинти.
Драстично се зголемени и трошоците за хотелско сместување. Само во 2025 година, Министерството издвоило речиси 450 милиони форинти за сместување на Орбан и неговата делегација – сума што е речиси еднаква на вкупните трошоци за целиот период од 2016 до 2021 година.
Велкеј предупреди дека понатамошната анализа на документацијата може да открие и дополнителни трошоци.
„Од овие трошоци и документи се гледа дека сликата што Виктор Орбан внимателно ја градеше – претставувајќи се како ’обичен човек од народот‘ – е целосна лага. Тој уживал во луксуз со пет ѕвезди, а престојувал во ексклузивни хотели и вечерал во луксузни ресторани, придружуван од своите делегации. Станува збор за луксуз платен од парите на даночните обврзници“, изјави Велкеј. Тој додаде дека документацијата содржи обемни докази за склоноста на Орбан кон најскапите и најексклузивните хотели и ресторани, истакнувајќи дека таквите трошоци не се неопходни за заштита на националните интереси.
Според Велкеј, Орбан исто така користел пари од даночните обврзници за финансирање на своето лично хоби: посетување фудбалски натпревари.
„Се разбира, доколку постои основ за тоа, ќе поднесеме кривична пријава против непознати сторители – исто како што сме правеле и во минатото. Нашиот правен тим ќе ја разгледа документацијата, а доколку откриеме трошоци што го оправдуваат тоа, ќе ги преземеме потребните правни чекори“, изјави Велкеј.
Тој нагласи дека судството функционира независно и дека улогата на министерството е единствено да реагира кога ќе открие сомнителни трошоци; сè друго спаѓа во надлежност на правосудните органи. На прашањето кога би можела да биде поднесена кривична пријава, Велкеј одговори дека тоа ќе зависи од резултатите од работата на правниот тим.












