среда, ноември 25, 2026
Дома СВЕТ На Европа и се заканува многу студена зима и скапо греење

На Европа и се заканува многу студена зима и скапо греење

0

Невообичаено раното распаѓање на стратосферскиот поларен вртлог, кое се случува истовремено со силниот феномен „Ел Нињо“, ја зголемува веројатноста за постуден зимски период во делови од Европа – сценарио што би можело дополнително да ја зголеми побарувачката за гас и цените на енергенсите, предупредуваат аналитичарите, пренесува CNBC.

Комбинацијата од овие настани би можела да доведе до продолжен период на студено време и побрзо празнење на европските капацитети за складирање гас, кои на почетокот на зимата беа на најниско ниво во последните десет и повеќе години.

„Геополитиката и временските услови се двата клучни фактори за нестабилноста на енергетските пазари, а сега се чини дека тие се случуваат истовремено, што претставува најголем ризик за пазарите“, изјави за CNBC Флоренс Шмит, виш стратег за енергетика во „Рабобанк“.

Таа предупреди дека зима постудена од очекуваното би можела значително да го отежне управувањето со енергетските залихи во Европа, истакнувајќи дека во текот на изминатите две недели гасот се црпел од складиштата со невообичаено брзо темпо.

Дејвид Луис, аналитичар во „Вуд Мекензи“, изјави дека не постои историски преседан за истовремено појавување на рано распаѓање на поларниот вртлог и исклучително силен „Ел Нињо“ во текот на истата зима.

Според него, дополнителен пад на температурите или послаби ветрови би можеле да создадат дополнителен притисок врз европското снабдување со енергија и да доведат до раст на цените на гасот. Цените на гасот во Европа во последните недели се искачија на највисоко ниво уште од енергетската криза во 2022 година, при што цената на референтните холандски фјучерси (TTF) за испорака во декември во петокот изнесуваше приближно 87,28 евра за мегават-час.

ИЗДВОЕНИ