Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес изјави дека очекува по порастот, цените на нафтата да паднат кога ќе заврши војната во Иран и дека некој што живее во Иран веројатно би бил посоодветен кандидат да ја преземе земјата од синот на поранешниот ирански шах во егзил, Реза Пахлави, кој живее во Соединетите Држави.
На заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Овалната соба, Трамп рече дека цените на нафтата веројатно ќе бидат „високи некое време“ поради нападите на САД и Израел врз Иран, но дека ќе паднат кога сè ќе заврши и дека дури ќе бидат пониски од порано.
„Значи, ако имаме малку повисоки цени на нафтата некое време, штом ова ќе заврши, тие цени ќе се намалат. Верувам дека ќе бидат пониски отколку што беа дури и претходно“, рече Трамп.
На прашањето дали го гледа Реза Пахлави, протераниот син на последниот шах на Иран, како можна опција да го води Иран во иднина, Трамп рече дека Пахлави изгледа како фин човек, но дека, иако „некои луѓе го сакаат“, тој верува дека најдоброто можно сценарио би било „некој што веќе е таму“ да ја преземе власта, пренесе „Би-би-си“.
Трамп ги предупреди Иранците да не излегуваат на улиците додека трае бомбардирањето.
Според него, иранската заедница во Соединетите Држави е задоволна од американската операција против Иран, која започна во саботата.
„Толку многу луѓе рекоа благодарам, благодарам, благодарам. Го гледате тоа на улиците на Лос Анџелес. Факт е дека луѓето се задоволни од она што го направивме“, рече Трамп, во врска со прославите што се одржаа во последните денови на улиците на Лос Анџелес, каде што живеат голем број луѓе од иранско потекло.












