Поранешниот градоначалник на Вухан – кинескиот град каде што пред речиси седум години изби епидемијата на коронавирус – денес беше осуден на 14 години затвор откако беше прогласен за виновен за примање поткуп.
Иако Џоу Сјанванг се соочи со критики за начинот на кој управувал со почетните фази на епидемијата во Вухан, град во централна Кина, во соопштението на судот тоа не беше споменато. Фокусот беше ставен на поткупот. Судот исто така му изрече парична казна од пет милиони јуани (747.000 долари).
Судот наведе дека Џоу ги користел своите различни функции за да им помага на други лица во работи како што се деловни активности и добивање административни одобренија во периодот меѓу 2003 и 2025 година.
Тој примил пари и вредни предмети во вкупна вредност поголема од 60,5 милиони јуани (9 милиони долари), се наведува во соопштението.
Судот одлучи да изрече поблагa казна бидејќи тој ја признал вината, соработувал со властите, а поголемиот дел од незаконски стекнатите средства биле вратени.
Владините кампањи против корупцијата станаа препознатлива политика на кинескиот лидер Си Ѓинпинг откако тој дојде на власт во 2012 година.
Неколку илјади функционери беа разрешени или казнети, вклучително и истакнати политички ривали. Одговарајќи на обвинувањата дека Вухан не успеал навреме да објави информации на почетокот на избувнувањето на КОВИД-19, Џоу тогаш изјави дека локалните власти биле ограничени во објавувањето информации за заразни болести без претходно одобрение.
Во декември 2019 година, пациентите почнаа да пристигнуваат во болниците во Вухан жалејќи се на симптоми слични на грип, вклучувајќи висока температура, кашлица и отежнато дишење.
Набргу потоа, една кинеска лабораторија ја дешифрираше генетската секвенца на вирусот, откривајќи ја неговата сличност со коронавирусот што ја предизвика епидемијата на САРС во периодот 2002–2003 година.
Лабораторијата ги извести здравствените власти, но информацијата се чуваше во тајност.
Дури во средината на јануари, кинеските здравствени власти на внатрешен состанок изјавија дека „групираните случаи укажуваат на можност за пренос од човек на човек“ и наредија итни подготовки за пандемија. Сепак, тие го минимизираа значењето на вирусот во очите на јавноста. Како што се ширеа заразите, Вухан беше ставен под карантин во траење од 76 дена, кој започна на 23 јануари 2020 година, пренесе „Бета“.












