Дамир Лончариќ, претседател на Управниот одбор на „ХЖ Инфраструктура“, денес им се обрати на медиумите во врска со железничката несреќа што се случи утринава во близина на Риека.
Сè уште не се знае кога ќе се нормализира железничкиот сообраќај на линијата кај станицата Меја, изјави тој.
„Што се однесува до патничкиот сообраќај, се организира алтернативен превоз за патниците од Риека до станицата Пласе, а од Пласе натаму возовите сообраќаат нормално кон Загреб“, рече Лончариќ, пренесува ХРТ.
Лончариќ ги повика железничките превозници да вршат построга контрола врз своите возила, особено врз локомотивите и вагоните во сопственост на приватни превозници.
„Би ги повикал превозниците посериозно и потемелно да ги проверуваат вагоните и локомотивите – односно железничкиот возен парк. Ако проблемот е поврзан со сопирањето, тогаш тоа сигурно не е проблем со инфраструктурата“, изјави тој.
Тој истакна дека уште една железничка несреќа се случила на речиси истото место пред три години. И во двата случаи биле вклучени приватни превозници.
Се очекува отстранувањето на вагоните да започне уште денес, иако во моментов е невозможно да се процени колку време ќе траат работите.
Синдикат: Предупредувавме за сомнителната техничка исправност на вагоните
Ненад Мрган, претседател на Хрватскиот синдикат на машиновозачи, остро го критикуваше превозникот „Трансагент“ (Transagent) и предупреди на безбедносни проблеми поврзани со вагоните.
„Сериозен машиновозач, неодговорна компанија – ’Трансагент‘; ова им се случува втора година по ред. Фактот е дека проблемот е во вагоните. Нивната техничка исправност е сомнителна; станува збор за ерменски вагони“, рече Мрган.
Тој тврди дека синдикатот претходно предупредувал за безбедносните проблеми и дека во „ХЖ Карго“ (HŽ Cargo) успеале да постигнат договор со раководството да не се користат такви возови.
„Ја предупредивме и агенцијата. Во секторот за товарни превози, каде што синдикатот е активен, успеавме да интервенираме и да се договориме со раководството дека таквите возови не треба да сообраќаат бидејќи безбедноста е секако сомнителна“, рече тој.
Тој додаде дека, иако вагоните биле нови, а локомотивата добра, сепак дошло до несреќа, пренсе хрватски „Индекс“.












